Привремено затворање на граничните премини и прекин на воздушниот сообраќај се дел од превентивните мерки за заштита од ширењето на вирусот, кои ги спроведуваат државите во светот и во регионот.

Министерството за внатрешни работи вчера соопшти дека ќе биде затворен граничниот премин Прохор Пчињски кон Србија, а сето тоа е во согласност со препораките на Владата во врска со спречување на коронавирусот. Станува збор за премин кон Србија, кој ќе биде затворен за патници и возила.

– Поради тоа сите патници и возила од нашиот граничен премин Пелинце ќе се пренасочуваат на заедничкиот граничен премин Табановце-Прешево – велат од МВР.
Натаму, државните власти вчера информираа и дека за сите патници и возила се затвора и граничниот премин Голема Црцорија – Голеш (Кривопаланечко), а целиот сообраќај ќе се пренасочува на граничните премини што се отворени за слободен проток на моторни возила и лица. За потсетување, неколку дена претходно, од нашата земја се откажани или укинати и сите летови кон Италија, која меѓу другото е меѓу најпогодените земји од вирусот во Европа.

Во меѓувреме, од регионот вакви мерки прва презеде Словенија, која одлучи делумно да ги затвори границите кон Италија, притоа затворањето не важи за транспортните возила меѓу државите.

Соседна Србија вчера реши да затвори 44 мали и повремени гранични премини, кон државите со кои граничи земјата. Сето тоа, според Белград, е една од мерките што ги презема за да се спречи ширењето на коронавирусот. Србија кон БиХ ги затвора премините Бадовинци – Попови, Јамена – Доње Црњелово, граничните премини Мокронози и Царево Поље, граничниот премин Зворник, железничката станица Брасина во внатрешна Србија и граничниот премин Скелани – Бајина Башта. Кон Хрватска, пак, привремено се затворени премините Батина-Бездан, железничкиот мост „Ердут-Богојево“ и преминот Апатин. Грчките власти вчера соопштија дека ги затвораат копнените и морските граници со Турција, во обид да се спречи ширење на новиот коронавирус преку бегалците и мигрантите, кои пристигнуваат во земјата.