Најпозитивната работа што се случила поради пандемијата на коронавирусот е влијанието врз екологијата, пишува хрватски „Индекс“. Луѓето поминуваат повеќе време дома, помалку се користат автомобилите и помалку се загадува воздухот, за што доказ претставуваат податоците од Кина откаде што започна ширењето на вирусот.

Просечниот број на денови со добар квалитет на воздухот во февруари се зголемил за 21,5 проценти, во споредба со истиот период минатата година, пренесува Си-ен-ен податоци од кинеското министерство за екологија и околина.

Сателитски снимки од НАСА и од Европската вселенска агенција покажуваат значително намалување на емисии на јагледод диоксид, кој го испуштаат автомобилите, електраните, индустиските погони во големите кинески градови, во јануари и февруари.

Си-ен-ен на оваа тема разговараше со Маршал Бурк, доцент на универзитетот „Стенфорд“ кој открил како подобриот квалитет на воздухот според неговите пресметки во Кина спасил од 50 до 75 илјади луѓе од смрт предизвикана од коронавирусот.

Со намалувањето на загаденоста на воздухот биле спасени 20 пати повеќе животи во споредба со тоа колку се изгубени поради вирусот во таа држава, според Бурк. На прашањето дали тоа значи дека пандемиите се добри за здравјето, неговиот одговор бил не. Тоа само покажува дека поради начинот на кој нашите економии функционираат имаме огромни трошоци во здравството, а тоа го откри пандемијата, заклучува Бурк.

Тој во своето истражување исто така пресметал како почистиот воздух во Кина спасил помеѓу 1.400 до 4.000 деца на возраст до пет години.