Фото: Маја Јаневска-Илиева

ВЕНКО ФИЛИПЧЕ, МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВО

Министерот за здравство Венко Филипче изминатата година беше најекспонираната личност во јавноста. Анкетите сѐ уште покажуваат дека тој е политичарот што има највисок рејтинг кај граѓаните. Неговите секојдневни прес-конференции од почетокот на пандемијата и целата стратегија за борба со коронавирусот изминатите десет месеци честопати беа предмет на пофалби, но и на критики. Сепак, вели дека од оваа криза Македонија ќе извлече големо искуство

Годината што изминува веројатно ќе биде една од историските во поновата светска историја. Пандемијата беше најголемиот предизвик. Што од оваа година би зеле со себе во следната, а што би оставиле во 2020 година, на историјата?

– Светот и претходно се соочувал со пандемии, но факт е дека поновата светска историја не памети пандемија од вакви размери. Годинава, ковид-19 беше најголемиот глобален предизвик. Две илјади и дваесеттата ќе остане запаметена како година во која со молскавична брзина се ширеше новиот вирус и со исто толкава брзина се развиваше вакцина, како единствено оружје да се справиме со вирусот. Пандемијата го затекна светот и покажа колку човештвото може да биде ранливо, а здравствените системи, дури и на најразвиените земји, неподготвени да одговорат на криза од вакви размери. На прашањето што би зел со себе во 2021-та, ќе речам, искуството. Колку и да беше тешко и непредвидливо, оваа пандемија беше школа и искуство за нашиот здравствен систем. По ова искуство сме многу поподготвени да се справиме со нови предизвици. Веројатно би зел и некои вредности на кои нѐ потсети ковид-кризата. Солидарноста, сплотеноста и колегијалноста на здравствените работници, нивната мотивација и пожртвуваност. Ако ме прашувате што би оставил, тоа со сигурност би била пандемијата сама по себе и сѐ што донесе таа – неизвесноста, загубите во човечки животи, последиците што таа ги остави врз граѓаните и економијата.

Од денешна дистанца, девет месеци по појавата на ковид-19, можеше ли Македонија да одговори поинаку на овој предизвик?
– Задоволен сум од тоа како ние како земја и нашиот здравствен систем одговоривме на кризата. Ниту ние ниту која било друга земја или здравствен систем досега се немаме соочено со вакво нешто. Немаше унифициран глобален модел за одговор. Секој градеше своја национална стратегија за пристап. Од оваа перспектива, по десет месеци борба со вирусот, јас сметам дека ние успешно ја менаџираме кризата. Нашата стратегија за справување со кризата ја поставивме уште во јануари, речиси цел месец пред појавата на првиот позитивен случај во земјата. Сепак, во услови на пандемија, ниту една стратегија не е доволно функционална ако истата таа не се приспособува во согласност со актуелните случувања, кои се покажа дека може да бидат крајно непредвидливи. Ние во ниту еден момент не престанавме да ги следиме промените и да одговараме соодветно на секој нов предизвик, а предизвици имаше многу. И сето тоа во согласност со препораките на СЗО и гледајќи ги позитивните и негативните искуства на другите земји. А и вирусот се покажа крајно непредвидлив, различен од искуствата што епидемиолозите ги имаат од претходните, на него, слични вируси.
И еве сега, следејќи ги анализите за текот на епидемијата во земјата, можам да кажам дека успеавме да го амортизираме и вториот удар. Но, јас би рекол, сѐ уште е многу рано да се опуштиме. И со вакцината, вирусот нема да си замине, па, така, и натаму треба да ги почитуваме мерките за заштита.

Кој беше најисправниот потег, а кој најпогрешниот во оваа година во поглед на активностите за справување со корона-кризата?
– Епидемијата нѐ донесе во ситуација на дневно ниво да мораме да носиме одлуки за кои немавме доволно информации и знаење. Креиравме стратегии базирани на сериозна анализа на податоци и искуства од другите земји и минати епидемии, но тие самите по себе не беа секогаш доволни. Во овој процес сметам дека донесовме низа правилни одлуки. Како такви би ги издвоил реорганизацијата на кадарот и капацитетите за да можеме да примиме во одреден момент и 1.400 пациенти, нешто што беше незамисливо за нашиот здравствен систем. Сметам дека позитивно пристапивме и кон јавната комуникација, многу транспарентно, навремено и прецизно ја информиравме јавноста, со што стекнавме голема доверба кај граѓаните. Довербата во услови на криза е многу битна за да се намалат паниката и стравот, но и да се спроведуваат мерките и рестрикциите без отпор кај граѓаните. Што се однесува до евентуални погрешни одлуки, би рекол дека има одделни аспекти што можевме да ги направиме подобро. На пример, во текот на првиот бран мораше да се спроведува посилна контрола во однос на спроведувањето на мерките. Сметам дека за време на техничката влада поради одредени политички интереси се случуваше да се испраќаат контрадикторни пораки во јавноста, но не само од политичарите туку и од други јавни личности со голем авторитет. Во однос на есенскиот бран, сметам дека донесовме добри мерки, но поради одложувањата во парламентот и отпорот да се изгласаат од страна на опозицијата би рекол дека малку задоцни нивната имплементација.

Какви се надежите дека 2021-та може да биде година во која ќе биде означен крај на пандемијата?
– Многупати досега сум споменал дека сега на сите ни е јасно што значи да се справуваме со болест за која нема ниту лек ниту вакцина. Досега ниту една вакцина не е развиена толку брзо како вакцината против ковид-19. Ова е навистина преседан во медицината и фармацијата. Вакцината против ковид-19 е надеж за светот дека 2021 година може да значи крај на пандемијата. Таа значајно ќе ја намали трансмисијата на вирусот. Но, ќе повторам, фактот дека сега има вакцина не смее да нѐ олабави во почитувањето на мерките. Ќе треба уште некое време пред да се вратиме, би рекол, од „новото“ во „старото“ нормално, односно да се вратиме на животот што го имавме пред пандемијата.

Кои се, според вас, трите клучни работи што треба да се сменат во македонскиот здравствен систем, кои беа научени како лекција од оваа пандемија?
– Овој здравствен систем одговори на кризата, благодарение на промените и унапредувањата што започнаа пред пандемијата. Во последните две и пол години направивме позитивни поместувања и сериозни инвестиции во капитални проекти и вложувања во човечките ресурси. Сите недостатоци што ги затекнавме, практично почнавме со една реална динамика да ги менуваме. За жал, некои проекти што беа предвидени да се реализираат, се одложија поради корона-кризата. Но, од друга страна, се изродија нови проекти, кои, де факто, се реализираат како одговор на кризата, но тие перспективно ќе се покажат како долгорочна инвестиција во здравството. Во однос на вложувањата во човечкиот капитал, особено сум горд што во изминатите три години драстично ги зголемивме примањата на здравствените работници. Најважната работа што треба да ја извлечеме како поука од оваа криза е дека здравствениот систем е еден од клучните столбови на државата и ниту една инвестиција во стабилен и одржлив здравствен систем не е залудна.

[email protected]