Д-р Сашо Олумчев / Фото: Приватна архива

Според епидемиологот, најважно е да се придржуваме до мерките, а најмногу до носењето на маски, кои, како што вели епидемиологот се најевтина и најефикасна заштита од вирусот

Ќе го рашират ли предновогодишните забави, домашните слави и собиранки новиот сој омикрон? Прашање на време е кога ќе биде детектиран првиот случај на оваа нова мутација на вирусот кај нас, па поголемата раздвиженост пред Нова година, домашните слави, забавите на младите, но и патување во странство за празниците се реална опасност.
Ризиците се реалност, но според епидемиолози нови рестрикции не се опција.

Омикрон-мутацијата станува се подоминантна во Европа, а веќе се регистрирани случаи во нашето соседство. Официјално, тој уште не е регистриран во Македонија.
Епидемиологот Сашко Олумчев од Центарот за јавно здравје во Гевгелија вели дека омикрон сигурно нема да не заобиколи и за очекување е некаде околу Нова година тој веќе да биде детектиран и потврден во земјава.

– Слушаме секакви варијанти, од тоа дека бил безопасен, дека развивал полесна клиничка симптоматологија и клиничка слика кај пациентите, за разлика од делта варијантата. Но, исто така слушаме и дека полесно се пренесува, односно дека е позаразен дури пет пати повеќе од делта сојот. Сепак, не знаеме како тоа ќе се рефлектира врз нашиот здравствен систем – вели тој.

Посочува дека ако сојот е позаразен може да има повеќе заболени. Така, иако тие бидат со полесни симптоми, сепак, големиот број заразени може да ги оптовари капацитетите на матичните доктори, но и да ги наполни болниците.

– Тоа мора да го амортизираме. Интенција ни е да ја развлечеме состојбата со ширење на новата мутација и да добиеме на време и сите пациенти да бидат опслужени на време и на најдобар начин – посочува д-р Олумчев.

Според него, најважно е да се придржуваме до мерките, а најмногу до носењето на маски, кои, како што вели епидемиологот, се најевтина и најефикасна заштита од вирусот.

– Не е решение да се затворат угостителските објекти и трговските центри. Но, граѓаните треба да ги избегнуваат собирањата во домашни услови, особено сега во претпразничните денови. Исто така, треба да се избегнат масовните концерти – смета д-р Олумчев.

Епидемиологот има впечаток дека токму вакцинираните се опуштиле повеќе од што треба.
– Потребна ни е масовна едукација и кампања која ќе се спроведува во континуитет. Процесот на вакцинација е недоволно објаснет. Треба да се објаснува кој е механизмот на делување на вакцините, кого штитат и како штитат. И вакцинираните мора да се придржуваат кон мерките за да го пресечеме синџирот на заразата и да стивне пандемијата – објаснува д-р Олумчев.

Според првичните податоци на Светската здравствена организација, варијантата омикрон е позаразна од делта и ја намалува ефикасноста на вакцините, но предизвикува поблаги симптоми кај луѓето. Омикрон е утврден во 63 земји во светот.

Според „Гардијан“, од собраните податоци за заразените со омикрон во Британија, најголем дел од нив се заразиле на забави и собири со повеќе луѓе, а дел од заразените имаат примено и бустер-доза.

Од соседите, во Грција од денес стапија на сила новите, а важат и за туристите кои ја посетуваат земјата. Таму се забранува влез во затворени простори за лицата над 60 години кои не примиле трета доза, а поминале седум месеци од вакцинацијата и се намалува на три од шест месеци важноста на потврдата за прележан ковид-19.

Промени во правилата за патување во Грција – четири опции за влез