Фото: Маја Јаневска-Илиева

Новите информации од истражувањата за коронавирусот укажуваат дека вирусното оптоварување кај делта-сојот е толку големо, што секој што не е вакциниран и не ја прележал инфекцијата може да биде суперпреносител. Со оглед на фактот дека децата помлади од 12 години не можат да се вакцинираат, да – тие ќе претставуваат голема група на потенцијални суперпреносители…

Се чини дека опасноста од коронавирусот не се намалува – и покрај вакцинацијата и сè поголемиот број луѓе што ја имаат прележано инфекцијата. Но со секоја нова мутација, вирусот станува сè поопасен, за што сведочи и делта-варијантата – позаразна од која било порано.

Ова веќе не е ковид-19, ова е ковид-21

Колеги од швајцарското списание „Блик“ разговараа со научникот и имунолог со индиско потекло Сај Реди, кој е главен истражувач во Лабораторијата за системска и синтетичка имунологија на ЕТХ во Цирих. Тој изјави дека ширењето на многу позаразниот делта-сој би го нарекол „ковид-21“, нагласувајќи ја притоа во разговорот важноста на вакцинацијата.
– Ова веќе не е ковид-19. Јас ова би го нарекол ковид-21. Доколку донесете одлука да не се вакцинирате, во еден момент ќе го добиете вирусот – рече Реди.

Во пресрет на отворањето на училиштата, експертот беше запрашан и дали децата ќе бидат новите суперпреносители на вирусот.
– Најновите податоци укажуваат дека вирусното оптоварување кај делта-сојот е толку големо, што секој што не е вакциниран и не ја прележал инфекцијата може да биде суперпреносител. Со оглед на фактот дека децата помлади од 12 години не можат да се вакцинираат, да – тие ќе претставуваат голема група на потенцијални суперпреносители – истакна Реди, додавајќи дека апсолутно се залага за вакцинација на децата и се надева дека наскоро ќе се започне со имунизација и на оние под 12-годишна возраст.
Реди објасни дека есенва најверојатно ќе бидеме сведоци на зголемен број на нови случаи, кои ќе се должат на ниската стапка на вакцинација.
„Поради тоа ќе циркулираат многу поголем број вируси. Доколку стапката на вакцинација набргу не се зголеми, влошувањето на ситуацијата ќе може да се спречи само со остри рестриктивни мерки“.

Уште едно видување за третата доза на вакцината

Главниот истражувач во Лабораторијата за системска и синтетичка имунологија на ЕТХ во Цирих, Сај Реди, се осврна и на третата доза од вакцината, која во Израел веќе ја имаат примено околу милион луѓе.
– Една од причините зошто делта-сојот може да ја „надмине“ вакцината е веќе споменатото големо вирусно оптоварување. Нему мораме да му се спротивставиме со високи нивоа на антитела, а засилената вакцина го прави токму тоа. Најновите извештаи што доаѓаат од Израел и од САД велат дека по шест месеци, актуелните мРНА-вакцини се само 60 отсто ефикасни против симптоматските делта-инфекции. Меѓутоа, тие се и понатаму многу ефикасни кога станува збор за тешки симптоми. Дополнителната доза би требало да нè врати на почетните 90 отсто ефикасност – истакна експертот во интервјуто за „Блик“.

Наедно, Реди најави дека е многу веројатно да се појават и нови соеви на вирусот, поради што нема да можеме да се потпреме само на вакцинација. „Мора да се подготвиме за неколку вакцинации во следниве неколку години. Тие постојано ќе се приспособуваат на новите варијанти на коронавирусот“, предупреди тој.
– Постојат познатите варијанти бета од Јужна Африка и гама од Бразил. И двете имаат развиено мутации – можат делумно да избегнат антитела. Од друга страна, делта-варијантата е многу позаразна, но сè уште нема мутирано, па засега не може да избегнува антитела. Меѓутоа, во одреден момент тоа дефинитивно ќе се случи. Тоа е неизбежно.

Кога би била следната фаза од пандемијата?

Следната фаза од пандемијата ќе започне кога бета или гама ќе станат позаразни, или кога делта ќе развие нови мутации. Следнава година тоа ќе претставува голем проблем. Ковид-22 би можел да биде многу полош од сè она со кое тековно се соочуваме – вели овој швајцарски научник.
„Доколку се појави таква варијанта, ќе мора да ја препознаеме што е можно поскоро, а производителите ќе мора брзо да ја приспособуваат вакцината. Појавата на нова варијанта е голем ризик. Мора да се подготвиме за неа“, додава Реди.
Исто така, тој најави дека следниве шест месеци нема да бидат лесни.

– Годинешново лето изгледаше како она во 2019 година. Но есента и зимата што се пред нас ќе бидат како минатогодишните. Ова се должи на сојот делта и на фактот дека немаме повисока стапка на вакцинација. Ние не можеме да ги контролираме варијантите, но можеме да влијаеме на стапката на вакцинација – вели тој.
Реди не е оптимист кога станува збор за иднината на оваа пандемија.
– Вирусот и нашиот имунолошки систем сега се многу тесно поврзани – како две танчарки. Имунолошкиот систем се движи и вирусот реагира. Долго време ќе „танцуваме“ со вирусот. Веројатно со години, а можеби и до крајот на животот – заклучи Реди.