По појавата на коронавирусот, на Факултетот за ветеринарна медицина започнаа и со тестирање на вирус кај животните, по што потврдени се неколку случаи на говедски коронавирус, објавува ТВ21.

Експертите велат дека пристапот е ист како и кај луѓето, започнале со истражување откако во светот се појавиле случаи на заразени домашни миленици со коронавирус. Коронавирусот за нив не е непознат, бидејќи се појавувал сезонски кај одредени животни, предизвикувајќи респираторни и дигестивни проблеми кај говедата.

– Луѓето кои што се заболени и имаат миленичиња, да ги лимитираат своите контакти со домашните животни и да ги третираат како било кој друг член од своето семејство. Не заради друго, туку затоа што тие се примчиви и може да бидат инфицирани од вирусот. – вели проф. д-р Кирил Крстевски од Факултетот за ветеринарна медицина, во изјава за ТВ21.