Фото: Игор Бансколиев

Има забрана на сите јавни и приватни собири, без разлика на обемот и бројката на учесници, како концерти, театри, кина, спортски сали, фитнес-центри. Кафетериите и рестораните да работат со скратено работно време до 18 часот и капацитетот внатре да биде преполовен, значи да се задржи дистанцата од метар и половина до два на луѓето што престојуваат таму. Ова се дел од новите мерки, кои вчера ги предложи министерот за здравство Венко Филипче, откако пред два дена Светската здравствена организација прогласи пандемија за коронавирусот.

Филипче посочи дека искуствата на неговите колеги во Италија, укажале дека во одредени места, пред сѐ во северните делови, таму каде што епидемијата започнала, дури по воведувањето на најригорозните мерки повеќе нема регистрирано нови случаи на заразени.

– Во разговор со сите јавно здравствени установи се откажуваат сите хронични пациенти чија интервенција може да се одложи. Остануваат само итни и неодложни интервенции, а истото важи и за прегледите. Една дополнителна мерка е продолжување на терапијата на хронични пациенти, кои досега требаше да одат на лекар специјалист. Од следните денови ќе може да го прават тоа и на матичниот лекар, за што Фондот за здравствено осигурување ќе направи измена во правилникот – посочи Филипче.

Според него, од 9-те пациенти на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, шест се во стабилна состојба, а кај тројца од нив има лесно влошување на состојбата, што значи дека имаат нешто поотежнато дишење, но сè уште не е потребна респираторна поддршка, меѓутоа се интензивира терапијата.
– Тројцата пациенти се во повозрасна категорија – сите тројца се над 65/66 години – посочи Филипче.


Црквите и џамиите не се затвораат

Препораките на Владата се и верските заедници да се придржуваат кон мерките и да не ги повикуваат верниците на собири и миси.
Во таа насока, Светиот синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, вчера повика на почитување на мерките пропишани од страна на Министерството за здравство. Оттаму апелираат во парохиските храмови и манастирите во кои има редовни посети и континуиран богослужбен живот, да се зголеми досегашното редовно одржување на хигиената.
Сепак, според владиката Тимотеј, нема да го прекинат извршувањето на обредот на света причест, кој се извршува на начин при што секој од верниците треба да се напие вино од една лажица.
– Храмовите ќе бидат отворени. Литургии ќе се извршуваат, како и сите преостанати обреди. Оној што се плаши не мора да го изврши обредот на причест – кратко изјави г. Тимотеј.
Муслиманите во Македонија самите да одлучат дали ќе одат на молитва во џамија или истата таа ќе ја вршат од дома. Ова е пораката од Исламската верска заедница до верниците во однос на тоа како да се постапува, особено за петочната молитва на која во џамиите се собираат најголем број верници.
– И во минатото имавме многу различни болести, но не се сеќаваме дека џамиите се затворија. Молитвата е лична, индивидуална за секоја личност и цениме дека самите луѓе треба да бидат совесни дали ќе одат во џамија или ќе се молат дома – посочија од ИВЗ.
Католичката црква во Македонија ги повика сите пароси и монашки заедници во државава во наредните 14 дена да ги прекинат веронаучните состаноци и сите форми на активности и собири на деца и млади, како дел од мерките на превентива поради ширењето на коронавирусот, во согласност со препораките на државата.