Фото: Маја Јаневска-Илиева

ШТО ДОНЕСЕ ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

Во овој момент не зборувавме за одложување на изборите. Зборувавме за мерките, одговорноста и се договоривме дека за секоја нова состојба ќе разговараме за сѐ што ни претстои. Сега ја усогласуваме кампањата со мерките на Владата, ситните политички поени нема ништо да придонесат за доброто на граѓаните, истакна по лидерската средба, техничкиот премиер Оливер Спасовски

Одложување на предвремените парламентарни избори поради развојот на настаните со коронавирусот, не било тема на вчерашната лидерска средба. Со оглед на сериозноста на состојбата со справување од ширењето на вирусот, лидерската средба имала повеќе информативен карактер, каде што лидерите биле запознаени со мерките што ги презема Владата за заштита и превенција, но и со мерките за справување со економските последици предизвикани од целата ситуација со ковид-19. Во изјавите по средбата во Владата, партиските лидери беа едногласни во изјавите дека одговорно ќе ги почитуваат препораките и мерките на Министерството за здравство и надлежните институции, за заштита и превенција, согласувајќи се дека здравјето на граѓаните е приоритет, а сѐ друго секундарно. Во таа насока, кажаа дека и своите предизборните кампањи ќе ги усогласат со сите предложени мерки и препораки, пред сѐ со оние за забрана за големи јавни собири поголеми од 1.000 луѓе. Лидерите на големите партии, кои учествуваат на изборите, најавија преадаптирање на изборните кампањи со користење алтернативни начини на изборна кампања, но и користење на социјалните мрежи, како замена за големите митинзи и јавни собири.

– Средбата беше повеќе од информативен карактер. Беше кажано дека истовремено политичките партии можат да доставуваат сопствени предлози во однос на заштита и превенција од коронавирусот. Препораките од Владата се активни. И додека траат ќе нема митинзи. Покрај справувањето со ковид-19, од големо значење ќе биде како ќе се справиме со економските последици, кои неминовно ќе дојдат по коронавирусот, Македонија не може да биде имуна, тоа ќе го почувствува и буџетот – изјави по средбата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

За справување со економските последици, во текот на вчерашниот ден требаше да се одржи средба на Владата со претставниците на стопанските комори. Беше истакнато дека ова нема да биде последна лидерска средба од ваков вид, во време на справување со коронавирусот, што се совпаѓа со предизборниот период.

– СДСМ веќе се обидува да има други начини за компензација на големите митинзи и јавни настани. Кампањата ќе биде преку интернет-порталите, социјалните мрежи, лајв-стриминзите, преку медиумите… Сѐ друго е од секундарно значење – најважно е здравјето на граѓаните. Не се зборуваше за изборите. Она што можам да кажам, е дека е несериозно и неодговорно уште сега да разговараме дали по 30 дена ќе се одложат изборите. Мерките се до 24 март, два дена до кампањата. Несериозно е сега да се зборува за тоа, ќе видиме какви ќе бидат информациите тогаш – изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Техничкиот премиер Оливер Спасовки, на прес-конференција по лидерската средба, потврди дека во овој момент не се размислува за одложување на изборите и дека во овој момент никој не треба да профитира политички.

– Важно е сите политички партии да покажат одговорност и да ги следат препораките на институциите и кампањата за изборите да ја приспособат на основа на тоа што е препорачано од институциите. Дополнително, политичките субјекти и нивните лидери имаат уште еден степен на повисока одговорност и да бидат пример да ги почитуваат мерките. Го охрабривме апелот на МВР корисниците на социјалните мрежи да не споделуваат непроверени информации околу коронавирусот. Во овој момент не зборувавме за одложување на изборите. Зборувавме за мерките, одговорноста и се договоривме дека за секоја нова состојба ќе разговараме за сѐ што ни претстои. Сега ја усогласуваме кампањата со мерките на Владата, ситните политички поени нема ништо да придонесат за доброто на граѓаните – истакна Спасовски.