Зошто Брисел треба да се угледа на европскиот фестивал на трендовски поп-нумери

Економист

„Ќе бидам сонцето што го осветлува твојот мрак/ Ќе направам твојот свет да блесне само со една искра“. Песната ги исполнува сите потребни карактеристики: стандардна делница, едноставен англиски јазик, пораки за мир и љубов. Токму тоа е фестивалот за песна на „Евровизија“. „Предоцна е за љубов“ пее шведскиот претставник кој е еден од фаворитите за победа во финалето кое ќе се одржи в сабота.

Првиот „Евросонг“ се одржа далечната 1956 година за да промовира мир во повоената Европа. Но некои од неговите карактеристики можат да го претворат дури и најголемиот „еврофил“ во „брегзитер“, „фрегзитер“ или „швегзитер“. Од 1997 година, гледачите ширум Европа добија можност да гласаат преку телефон. Поради ваквиот начин имаме бесрамни политички резултати. На пример, Кипар секогаш гласа за Грција, а Финска за Естонија. Песните испеани на мајчин јазик имаат смисла за домашната публика, но за странците се тотално неразбирливи и неинтересни. Кандидатите кои имаат успешен настап обично нудат бледа, генеричка евро-музика што е жива метафора за хомогената каша на ЕУ.

Оваа метафора важи до одреден степен. Додека европските држави се борат да ги помират различните економски и геополитички инстинкти (повеќето европски учеснички се дел од Унијата), различните музички вкусови, сепак, ја делат Европа. Ирвинг Волтер, експерт по европска музика и познат како „д-р Евровизија“, ги објаснува ваквите национални разлики. Финците го ставаат акцентот на првиот слог од зборовите со тоа што јазикот има посебен ритам. Италијанскиот јазик изобилува со самогласки. Холандскиот, пак, се потпира на согласките. Поради ваквите јазични обележја тешко е да се напише песна што природно ќе ги задоволи сите вкусови. Дури и прогнозите за натпреварот се разликуваат меѓу националните радиодифузери. Дин Вулетиќ, историчар чија специјалност е „Евровизија“, открива три различни стилови на коментирање: пристрасен (италијански), саркастичен (австриски или британски) и фактички (германски и источноевропски).

Сепак, под површината постои друга попозитивна приказна. Прво, постојат стандардни, различни трендови кои ги обединуваат сите европски музички стилови. На почетокот на „Евровизија“ доминираа баладите и други тивки песни. Потоа на крајот од 1960-тите и почетокот на 1970-тите се појави „европопот“. Музикологот Сајмон Фрит овој стил го објаснува како „брз ритам со еден рефрен и лесен текст“, кој беше типичен за шведската група АББА. Таквите евровизиски песни честопати стануваа летни хитови по клубовите во одморалиштата на Средоземното Море. Во 1990-тите години, делумно благодарение на експанзијата на пост-комунистичките држави, но и поради тоа што „европопот“ излезе од мода, на Евровизија стана актуелна етно-музиката. Во истиот период се либерализираа медиумските пазари, а „Евровизија“ стана покомерцијална. Дури и денес, во музичката ера на Јутјуб и Спотифај, нејзините песни имаат свои посебни карактеристики. На американските хит-листи обично доминираат рап и кантри песни. Од друга страна, хитовите во Европа во себе содржат повеќе поп и денс.

Шведска е музичкиот гигант на Европа. Универзалното музичко познавање, култура на рамноправната потрошувачка (како што се брендовите „Ејч енд ем“ и „Икеа“), како и способноста да се изговара текстот на англиски јазик појасно од родениот говорител, објаснуваат зошто оваа мала нација е третиот најголем музички извозник во светот, веднаш зад Велика Британија и Америка. Шведскиот избор за „Евровизија“ е еден од најголемите домашни телевизиски настани. Дури и оние што нема да победат стануваат ѕвезди. Така се роди индустријата на малите бизниси: шведските композитори пишуваат песни за домашните и за странските изведувачи.
Еден таков композитор е Швеѓанецот познат под уметничкото име Томас Г:сон (Томас Густафсон) кој има напишано 14 евровизиски песни, вклучувајќи ја и „Еуфорија“, победничката песна на неговата држава во 2012 година. (Текстот е лесно влегува в уво: „Еуфорија! Вечно уметничко дело/ Љубов што пулсира во срцето…“).

Г:сон вели дека „добрата евровизиска песна мора да се поврзе со различните народи во Европа“. Клучот не е да има посебен стил, туку нешто специфично што ќе го привлече вниманието. Евровизиските уметници имаат само три минути да направат песна што е пократка од просечната хит-песна, а повеќето гледачи ги слушаат песните првпат заедно со уште други 30 слични на нив. Исто така, тој смета дека песната мора да му „легне“ на изведувачот и не смее да биде здодевна.

Волтер вели дека еден од триковите е да се комбинира различното со стандардното. Другите трикови се музички. Композиторите кои ги користат лекциите од Спотифај, чија огромна база на податоци ја користат европските изведувачи за да откријат какви песни ги надминуваат културните разлики, вклучуваат голема доза на драматичност во првите 30 секунди од песната, за да не се загуби вниманието. Делниците во песната се тие што ја зголемуваат возбудата. Исто така, од голема помош можат да бидат и актуелните хитови.

Трети се културните трикови. Политиката е еден начин за успех. На последните неколку финалиња на „Евровизија“ победуваат Австрија, Португалија, Украина и Израел поради идеолошката димензија. Потоа следи изведбата. Пијано од кое излегува оган, смешни костими, холограми и дигитални графики во позадина помагаат за песната да остане запаметена. За да се победи на „Евровизија“ треба да се најде точната мера меѓу пристрасното и објективното, а тоа е малку политика, малку ексцентричност, малку општ европски изглед кој ќе им се допадне на сите.

Лекции за Брисел

Сите овие лекции се за ЕУ која се бори со многу маани, кои честопати ѝ се припишуваат на „Евровизија“. Таа премногу се потпира на хомогеноста, неприродното е премногу изразено и се бега корените. Сепак, „Евровизија“ покажува дека континентот може да се обедини преку надминување на овие нешта. Во последните неколку години, „Евровизија“ ги награди ексцентричните изведувачи кои одбија да ги следат правилата. Австрија победи со брадеста транс-личност, Португалија со балада на португалски јазик, Украина со елегијата за историското протерување на Татарите. Лани Израел победи со кокошкиниот танц, откачениот костим, феминистичката порака и типичниот израелски хумор.

„Евровизија“ можеби има многу маани, но исто така има и свои доблести: отсуството на помпезност, почитувањето на националните култури, толеранција на неприродното, отвореност кон новото и познатото, како и разбирање за желбите на луѓето. За жал, на европските политички институции им недостасуваат овие карактеристики. Европските бирократи наместо да ѝ се потсмеваат на „Евровизија“ треба да научат нешто од неа.

Подготвила: Билјана Здравковска