Фото: МОН

Како министер за образование и наука подготвен сум да направам отстапки од повеќе инвестициски и други активности кои се дефинирани во програмата за работа на МОН за оваа календарска година, а кои предизвикуваат фискални импликации, се со цел да се обезбедат повеќе средства со кои ќе се доближиме до процентот на покачување на платите на наставниците кој го бара СОНК. Ова го побарав и од другите министри во Владата и во истото гледам опција преку која би можеле да постигнеме решение во рамки на социјалниот дијалог со синдикатот, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на гостувањето на Алсат ТВ, потенцирајќи дека преговорите со СОНК се интензивираат и дека до крајот на оваа недела се надева на постигнување договор.

– Штрајкот е започнат и бараме решение за надминување на ситуацијата што поскоро. Секако дека Владата ќе достави предлог до синдикатот, кој ќе биде соодветен на буџетските можности и се надевам прифатлив за СОНК. Да ги вратиме децата во училиштата, а потоа ќе дискутираме како ќе се надомести пропуштената настава – рече Шаќири.

Министерот рече дека заложбата на Владата е да се изнајде системско решение со кои платите на вработените во областа на образованието ќе растат со секое покачување на минималната плата, што всушност е и едно од барањата на СОНК, со оглед на тоа што е најавено нејзино покачување и во 2023 и 2024 година.

-Мене ме радува тоа што зборуваме за зголемување на платите. Оваа влада во неколку наврати ги зголеми платите на наставниците и тоа по 5% во 2018 и 2019 година и во 2022 година за 10%, на кои се додава и минат труд и така кумулативното зголемување е за над 21%. Така што и овој пат ќе се договориме и ќе излеземе во пресрет на наставниот кадар – рече министерот.

Шаќири потенцираше дека СОНК останува да биде важен партнер на МОН во креирањето на образовните политики и дека планот е синдикатот да се вклучи во изработката на нова национална Стратегија за образование, која ќе биде долгорочна и ниеден министер во иднина нема да може да прави отстапки, а ќе ги опфати сите аспекти на образовниот систем, вклучително и можностите за кариерен и професионален развој на наставниците и за унапредување на економскиот статус.

СОНК ја поздравува заложбата на министерот за образование и наука за изнаоѓање средства за задоволување на барањата на вработените во дејноста образование, соопшти Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, по изјавата на министерот Јетон Шаќири дека МОН е подготвен да пренамени дел од својот буџет за да се доближи до процентот на покачување на платите што го бара Синдикатот.

– Ова нека биде добар пример и поттик за Министерството за труд и социјална политика во правец на надминување на моменталната ситуација – објави СОНК на Фејсбук.