Фото: Архива

Во 2021/2022

Во изминатата учебна година редовните основни училишта ги посетувале 261 ученик што повторно оделе во истото одделение, повеќе од годината претходно кога повторувале 118 ученици. Во средните училишта имало 155 повторувачи, четири пати повеќе од претходната година кога нивниот број бил 37.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), на почетокот на учебната 2021/2022 година бројот на учениците во редовните основни училишта бил 186.649, за 0,5% проценти помалку во однос на претходната. Во редовните средни училишта, пак, имало 71.018 ученици, за 1,1 % помалку од претходната учебна година.

Податоците кои ги добивме од ДЗС велат дека од оние 261 ученици кои повторно оделе во исто одделение годинава, девојчиња се 104. Најмногу ученици (128) повторно оделе во седмо одделение, во осмо – 94, додека во девето 39.
По општини најмногу ученици повторувале одделение во Прилеп (46) и во Струмица (41), а потоа во Василево (19).

Извор: Државен завод за статистика

Во редовните средни училишта од 155 ученици кои повторно оделе во истиот клас, женски се 27. Најмногу повторувале во прва година (77), втора повторно посетувале 51, трета – 26 и четврта еден ученик. По општини лани во Велес имало 29, најмногу ученици кои повторно оделе во ист клас, а по неа следува Шуто Оризари со 18 ученици и Прилеп и Струмица со по 16.

Статистиката вели дека во учебната 2019/2020 година имало 260 повторувачи од 187.240 ученици во основно, а една претходно – 194 од 188.102 ученици. Во средно во 2019/2020 имало 128 повторувачи од 69.980 ученици, а година претходно имало 196 од 71.650 ученици.

Инаку, ученикот повторува ако има единици по три предмети. Со две единици се упатува на поправен испит. Родителите на ученици со повеќе единици, се повикуваат на советување. Н.Б.З.

Извор: Државен завод за статистика