Фото: МИА

Целата ситуација како да се спречи ширењето на ковид-19 во училиштата, но и дали е потребна промена на моделот за образовнот процес, стана предизвик за здравствените и образовните власти

Коронавирусот заразува и во училиштата. Со стартот на второто полугодие порасна и бројот на позитивни меѓу учениците, но и меѓу наставниците и останатиот училишен кадар. Родители на социјалните мрежи алармираат за отсутни ученици во одделенијата во основните училишта, но и класовите во средните училишта.

Како да се намали ризикот за ширењето на коронавирусот во училиштата, но и дали е потребна промена на моделот за образовнот процес, стана предизвик за здравствените и образовните власти. Кога на 1 февруари почна второто полугодие проценките на здравствените власти беа дека процентот на заразени на возраст од 12 до 18 години не е голем во однос на целата популација.

Стратегија „Тестирајте се, за да останете на училиште“

Д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, вели дека предложиле две опции како во овој период да се следи состојбата во училиштатата, за да се види дали има трансмисија на вирусот меѓу учениците.

Првата е да се спроведе скрининг во училиштата со брзи тестови, а втората опција е дел од тестовите да се искористат за т.н. стратегија „Тестирајте се, за да останете на училиште“ за изложените ученици во одделението или класот каде што имало позитивен случај. Оние кои ќе покажат негативен резултат ќе може да останат да ја следат наставата.

Фото: Пекселс

– Се размислува скринингот да биде со брзи тестови, околу десетина-дваесет илјади кои се на располагање, и ќе биде на случајни ученици со цел да ја видиме вкупната застапеност на вирусот во овие групи. Втората опција е наречена „Тестирајте се, за да останете на настава со физичко присуство“, доколку има позитивен ученик во одделението. Превенцијата е за останатите ученици кои биле контакти на заразениот ученик. Тоа секако ќе биде или на барање на учениците, кадарот или со согласност на родителите – објаснува Мехмедовиќ.

Додава дека за оваа цел ќе бидат користени брзи тестови кои сепак имаат висока специфичност за детектирање на делта, но и омикрон-сојот.

Според него, ова се препораки на Комисијата за заразни болести, кои не се извршни и за да се применуваат треба да бидат одобрени од Генералниот кризен штаб и од Владата.

Главна препорака остануваат вакцинацијата и почитување на мерките за носење маска и одржување дистанца. Комисијата во новиот состав ќе се базира на следење на научните студии и приспособување и примена на светските искуства од студиите и кај нас.

МОН: Нема широка трансмисија во училиштата

Министерството за образование и наука последниве денови со проценти информира за учениците и наставниците, кои се во изолација. Оттаму велат дека бројката е динамична и секојдневно променлива, но дека навремената рекација на надлежните во училиштата не дозволува широка трансмисија во овие установи.

– Процентот покажува дека во моментов активни случаи се 0,24 отсто од вкупниот број ученици, кои посетуваат настава во училница, како и 0,95 отсто од наставниците – посочуваат од МОН.

Ако се земе предвид дека бројот на ученици во основните и средните училишта е 259.235 ученици, се пресметува дека во моментов се регистрирани околу 620 ученици со ковид-19.