Илустрација/ Фото: Игор Бансколиев

Во текот на еден ден има 70-80 посети на пациенти само за преглед, а доколку има и такви на кои им е потребна хронична терапија или упат, тогаш овој број на пациенти доаѓа во една смена, вели Христина Стојчевска, матичен лекар

Брзото ширење на омокрон-сојот на коронавирусот во земјава, но и сезонските вируси, како грипот, ги наполнија амбулантите на матичните лекари.
Нивните чекалници и ординации се преполни со пациенти со симтоми на полесна, но и на потешка клиничка слика. Метежи има и во дежурните албуланти.

Од почетокот на 2022 година, па досега има рекорден број на прегледи, што пак дополнително им создава проблем на матичните лекари, кои се преморени.

Колку е алармантна состојбата во примарното здравство?

Матичните лекари, особено оние во Скопје велат дека нема ординација која за последните пет дена нема по минимум 30 до 40 ковид-позитивни пациенти. Апелираат до пациентите да имаат разбирање и да им дадат приоритет на оние со потешка клиничка слика.

Д-р Христина Стојчевска, матичен лекар вели дека во текот на еден ден во ординацијата во која работи има 70-80 посети на пациенти само за преглед, а доколку има и такви на кои им е потребна хронична терапија или упат, тогаш овој број на пациенти доаѓа во една смена.

Моментално, вели докторката, има зголемен број на ковид-позитивни лица. За среќа поголем број од нив се со полесна клиничка слика, со болка, или како што самите велат, гребење на грлото и секреција од нос, па им е потребна симптоматска терапија и мирување.

– Има и лица со покачена телесна температура која варира од 37,5 до 39,2 степени Целзиусови и за кои е потребно, покрај тестирање, преглед и дополнителни иследување со лабораториски анализи. Сега актуелна е инфлуенцата или грипот, кој се карактеризира со висока температура и над 39,5 степени – објаснува д-р Стојчевска.
Таа вели дека грипот се карактеризира со висока телесна температура, болка во коски и мускули и малаксаност.
– Разликата во однос на вирусна инфекција со коронавирус е што кај грипот нагло се покачува телесната температура и до 40 степени, додека кај пациенти со ковид-19 има варијација во телесната температура. Таа најчесто најпрвин е пониска, околу 37,5-37,8 па следните неколу дена може да се покачи над 39 степени – објаснува д-р Стојчевска.

Д-р Христина Стојчевска / Фото: Приватна архива

Прво на телефон, па потоа на преглед

Со оглед на тоа што моментално во амбулантите има голем број на пациенти за преглед најчесто со респираторни симптоматологија, докторката апелира кај матичен лекар да доаѓаат ако имаат потешкотии со голтање, дишење, немаат сила или апетит, односно лица со потешка клиничка слика.

-Потребно е лица со покачена температура или сомнение за ковид-19 да не контактираат најпрвин телефонски за да им закажеме термин за преглед и дополнителни иследувања и да им дадеме напатствија за терапија. Треба да мируваат, да ја земаат терапијата што сме ја определиле и да пијат течности. Хронично болните треба да ја земаат својата терапија и доколку се чувствуваат добро, во домашни услови, на пример, да си мерат крвен притисок и да избегнуваат непотребни доаѓање во здравствените уставно овој период. Секако сите што имаат потреба од медицинска помош треба да дојдат. За консултации телефонски исто така сме отворени, секако после прегледите – додава докторката.

Неработните денови и празниците го направија своето

Д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари вели дека вообичаено е после неколку неработни и празнични денови да има наплив на пациенти во ординациите на матичните лекари.

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова / Фото: Приватна архива

-Истовремено е и почеток на месец, па хронично болните доаѓаат по редовната терапија. Има и пациенти со настинки, со симптоми на грип, бараат преглед, проверка на крвен притисок или на крвна слика. Најголем дел од пациентите што се тестираат за ковид изминативе денови се негативни. Повозрасните ни се јавуваат и на телефон да им препишеме рецепти или да им закажеме термин за снимање или за специјалист. Сега е и зимски период, температурите се намалуваат, временските услови се менуваат, така што ќе ја следиме состојбата и наредните денови – посочува таа.

Според официјалната статистика за една недела двојно е зголемен бројот на ковид-позитивни и во моментот има над 10.000 активни случаи.
Епидемиолозите, пак, предупредуваат дека бројката на инфицирани е далеку поголема, зашто граѓаните и во домашни услови се тестираат со брзи тестови купени од аптека.

Р.З. – Н.Б.З.