Фото: ДИЦ

Голем проблем имаат учениците кои веќе се примени на странски универзитети. Тие до 10 јули треба да ги достават документите до факултетите во странство, а ако се поместат роковите за полагање државна матура нема да успеат да го сторат тоа

Денеска продолжува штрајкот во основните и средните училишта, а градинките почнаа со редовна работа. Членството на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) вчера одлучи да не ја прифати владината понуда за зголемување на платите од 12 проценти и најави голем протест на 4 мај 2022 година. Учениците немаат настава од 11 април годинава, а тоа, може да биде така додека не се договорат Владата и СОНК.
Како ќе се надокнади пропуштениот материјал е прашање што ги засега и учениците и наставниците, но и родителите? Но, најголем проблем имаат матурантите, кои треба да полагаат државна матура. За 1.600 од нив е пробиен рокот за изработка проектна задача.

Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар вели дека законски, во сабота учениците не смеат да одат на настава.

– Може да се продолжи учебната година за толку време колку што била прекината, со одлука на министерот. Ако учениците имале повеќе од 100 наставни дена, може и да не се продолжува, но ќе треба да се скратат, прилагодат, наставните програми. Учениците поминаа повеќе од 100 наставни дена, но како ќе се надокнади материјалот не може сега да се каже, сѐ зависи од тоа како и до кога ќе тече штрајкот – вели Наумовска.

Најголем проблем поради штрајкот имаат матурантите. Од околу 17.000 матуранти за кои школската година треба да заврши до 20 мај, за полагање државна матура се пријавиле околу 16.000. Тие, според определениот календар, на 4 и на 13 јуни треба да имаат екстерно тестирање. Едниот испит ќе биде мајчин јазик, а за другиот учениците во гимназиите и стручниоте училишта бираат дали ќе полагаат странски јазик или математика. Оние во уметничките училишта бираат меѓу странски јазик и филозофија или естетика. По овие т.н. екстерни испити, во училиштата се полагаат два интерни предмети.
До 21 април учениците требаше да го полагаат делот од државната матура поврзан со изработка на проектна задача.

– Поради штрајкот околу 1.600 ученици не стасале да го полагаат делот со проектна задача. Ова не е по нивна вина, таков бил распоредот. Некои училишта им излегле во пресрет, па организирала полагање во сабота, но сепак има голем број што не ја завршиле оваа обврска. Сега тие ќе мора да го полагаат во август. Во овој период во училиштата има подготовка на матура. Ги замолуваме наставниците да водат сметка за матурантите, да не ги оштетуваат. Ние предлагавме министерот да го промени календарот за полагање за онолку денови колку што трае прекинот на настава, но сега имаме нова состојба. Не знаеме колку ќе трае новата состојба. Нашиот став е дека наставниците треба да излезат во пресрет на над 17.000 матуранти – вели Наумовска.

Голем проблем имаат учениците што веќе се примени на странски универзитети.

– Тие до 10 јули треба да ги достават документите до факултетите во странство. Ако се поместат роковите нема да може да ги достават. Замислете што значи тоа за еден млад човек, кој успеал да биде примен на престижен универзитет и работел на тоа. Апелирам уште еднаш да се излезе во пресрет на учениците – вели Наумовска.

Градинките примаат деца, во училиштата штрајкот продолжува

СОНК два пати одби владин предлог за зголемување на платите, бидејќи сè уште не го постигнале тоа што го бараат. Владата првично предложи зголемување на платите од 10 проценти, а потоа на 12 отсто, но СОНК бара покачување од 18,4 проценти и усогласување на останатите плати со минималната плата и ќе го продолжи штрајкот се додека не се најде компромисно решение за двете страни.