Фото: Културен центар „Иван Михајлов“ / Фејсбук

Во раните утрински часови бил опожарен објектот на Културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, објавија оттаму на својот профил на Фејсбук.

– Очекуваме институциите во најбрз можен рок целосно да го расветлат случајот и сторителите да ги извадат пред лицето на правдата – пишува во нивната објава.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола, заедно со екипи на СВР Битола, утрово извршиле увид на лице место на опожарен објект – центар за култура „Ванчо Михајлов“, информираа од обвинителството.

-Првичните наоди од увидот упатуваат дека е опожарен влезниот дел од објектот. Подигнати се траги од лице место за кои јавниот обвинител издаде наредба за вештачење.
Со цел откривање на сторителот, јавниот обвинител веднаш ќе издаде и наредби за обезбедување на снимките од безбедносните видео камери на самиот објект, но и на околните објекти – стои во информацијата од Јавно обвинителство.​

Министерството за надворешни работи најостро го осудува актот на намерно палење на влезот на здружението „Иван Михајлов“ во Битола.

–Ваквиот вандалски напад е уште еден доказ дека има многу актери кои се против постигнувањето на напредок во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и нашата заедничка европска иднина – велат од МНР.

Според нив, ова кривично дело не случајно е извршено на денешен ден, кога двете држави ќе остварат дијалог во функција на надминување на отворените прашања на патот на евроинтеграцијата на Северна Македонија.

Надлежните органи на државата прават напори за откривање на сторителот на овој вандалски чин, додаваат од МНР.