Каква настава ни треба и кога да почне

Поделени ставови за тоа кога треба да почне и како да се одвива наставата во второто полугодие во училиштата, покажа онлајн-анкетата на „Нова Македонија“. Околу 61 отсто читателите кои одговориле на анкетата, сметат дека во второто полугодие учениците треба да учат, или да почнат да учат онлајн, 34 проценти сметаат дека тоа треба да биде со физичко присиство, додека останатите се изјасниле дека немаат став. Исто така, околу половина од испитаниците велат дека треба да се одложи второто полугодие, а 40 отсто дека треба да стартува на време.

Каква настава ни треба и зошто?

На прашањето „Дали наставата во училиштата во второто полугодие треба да се одвива со физичко присуство или онлајн?“ добивме 1.239 одговори. Од нив 60,9 отсто се за онлајн-настава, 34,2 за учење со физичко присуство во училиштата, а останатите се изјасниле дека не знаат.


На дополнителното прашање „Зошто“ добивме 706 одговори. Во голем дел од од одговорите на поддржувачите на онлајн-настава како причина стои зголемувањето на бројот на заболените од ковид-19.
-За стабилизирање на состојбата и големата општа трансмисија со празничните денови – се вели во одговор.
Друг читател пишува дека не постојат доволно мерки во училиштата со кои ќе се заштитат децата од ковид-19.
-И во ноември и декември децата отсуствуаа поради грипот. Имаше многу отсуства. Сега има премногу заразени од ковид-19, а учениците реално не носат маски. Ова не се однесува само на помалите, туку и средношколците. Од искуство пишувам – стои во одговор.
Во дел од одговорите се вели дека наставата треба да се на далечина и поради надворешните температури, зашто немало соодветно загревање во училиштата.
-Првите недели да биде онлајн, а потоа да си продолжи со физичко присиство. Секако првите часови се предавања и нема да има тестови и испрашувања, а ќе се намалат контактите на учениците – стои во одговор.
-Доволно е еден ученик да е позитивен за сите останати да мора да одат во изолација. Паралелките се големи. Вирусот побрзо ќе се рашири – се вели во друг.
-Доколку децата следат онлајн настава нема да има потреба за продолжен распуст. Мислам дека не е добро решение тој да се продолжи зашто мора да учат децата – се вели во одговор.

Оние кои сметаат дека треба да има настава со физичко присуство потенцираат дека на
учениците местото им е во училиштето, дека децата не може добро да учат пред компјутерите, кои пак, негативно се одразуваат на здравјето.
-Ќе паднат во депресија многу деца, мора да имаат контакти. Ова предолго трае – стои во одговор.

-Прифаќам онлајн-настава кога прво ќе се затворат сите кафани и барови – се вели во друг.

-Нема смисла да е онлајн-наставата, кога тие секако се гледаат приватно, па повторно ќе има журки и излегувања. Затоа мислам и дека нема смисла и да се одложи второто полугодие. Се случува компјутерот да е пуштен, а тие да спијат – пишува анкетиран.

-Многу се причините за наведување. Една од нив е социјализацијата, друга желбата на децата да бидат во училиште, трета e недоволнo услови за онлајн-настава во домот… Со соодветно придружување до мерките нема да има заразени деца како што беше во изминатиот период – се вели во одговор.

-Не знам, ништо ми нема логика. Ако се онлајн, ризикот се намалува. Ама дали навистина не е тоа залудно зашто не се само школите? Одиме на работа, и таму се мешаме. Иако, пак, од друга страна по 30 и кусур деца во клас лесно ќе пренесат – стои во одговор на читател кој напишал дека нема став.

Да се одложи ли второ полугодие?

На прашањето „Дали треба да се одложи почетокот на второто полугодие?“, 52,6 отсто од одговорите се „да“, 40,3 проценти се „не“, додека 7,1 отсто „не знам“. Добивме 632 одговори. Дел од онние кои што сметаат дека наставата треба да почне онлајн велат дека нема потреба од одложување. Други пак пишуваат дека одложувањето е неопходно.

Ова се дел од одговорите на читателите:

– Ако почне онлајн нема потреба од одложување. Треба да се почне онлајн.

-Доколку МОН одлучи наставата да се одвива со физичко присуство и покрај омикрон кој веќе стана и доминантен кај нас и неговата голема трансмисија тогаш сметам дека треба да се одложи почетокот на второто полугодие. Доколку МОН одлучи да се одвива онлајн (на кое ние добар дел од докторите инсистираме поради натрупување на болниците и неможноста сите да ги прегледаме и да им пружиме помош) во тој случај наставата треба да си почни редовно од 21 јануари.

-Затоа што ние не сме држава каде што системот функционира, и може да се справи со сегашниот број на заболени, а не па децата да тргнат во школо. Мора да се одложи второ полугодие.

-Да се одложи да помине пикот, ако учат на далечина ништо не учат.

-Нема потреба ни од онлајн-настава ни од одлагање. Омикрон е добро решение ако мора да сме болни.

-Зошто не го одложат работењето на кафеаните за 2-3 недели? Тие работат без престан, а повеќе луѓе има таму дневно, отколку ученици во училиште.

-Големиот број на заразени, проблемот со греењето на училиштата е голем, а има и отсуства. Какво одложување, онлајн е решение.
-Се на време да се одвива зашто мерките станаа контрапродуктивни и треба да се почне со нормален живот. Децата секаде во светот одат во школо.