Фото: С.Н.М.

Голем дел од училиштата и градинките денес остана празни. Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) го почна штрајкот во сите установи на национално ниво во дејностите детска заштита – градинки и во основните и средните училишта, со неизвршување на работните задачи на работното место, што според најавите ќе трае се додека не се изнајде соодветно прифатливо решение, т.е. додека не се зголемат платите на вработените. Тие денеска се на работа, но седат во посебна просторија, не згрижуваат деца и не држат настава.

Многу родители денес не ги пуштија децата во училиште. Но, еден дел во недостиг на соодветна информација појдоа дотаму, зашто не знаеја како да постапат. Во некои училишта се случило учениците да имаат час, а потоа да чекаат дали ќе се појави друг предметен наставник, што не штрајкува. Распоредот и организацијата не биле прилагодени. Во градинките состојбата е слична, некаде се примаат деца, а некаде не. Има градинки во кои се примаат само во одредени групи, а има и такви во кои се мешаат децата за да ги чуваат оние кои не штрајкуваат.

Денес е денот „Д” кога ја започнуваме синдикалната борба – Неделков го најави почетокот на штрајкот

Откако СОНК одлучи да се штрајкува, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука повеќе пати истакнаа дека децата мора да се згрижуваат и мора да има настава.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Ги оставате децата на ваша одговорност“

– Наставниците имаат апсолутно право да штрајкуваат и тоа не го спорам. Но главната забуна ја направија МОН и МТСП кои рекоа дека децата мора да бидат згрижени и да има настава. Уште во петокот ни се јавија од градинка и ни кажаа дека е најдобро малото да остане дома, но од училиште не добивме никаква информација. Во петокот имаше родителска на Интернет, наставничката кажа да гледаме вести. Вчера прашувавме во групата на Вибер, не добивме одговор дали ќе бидат згрижени децата, дали ќе има настава, ако има, мора ли да се присуствува. Сметам дека директорот или општината требаше да си даде информација. Има родители кои немаат кој да им ги чува децата – рече Александра С. која утрово се појави во училиште во скопската населба Кисела вода, за да праша дали детето треба да остане.

Таму, вратата од каде што влегуваат првоодделенците беше заклучена. Немаше многу родители кои сакаа да ги однесат децата. Оние кои ги донесоа и мораа да појдат на главниот влез во училиштето бараа вработен за да им објасни што да прават.

– Ги оставате на вака одговорност, ние штрајкуваме – рече жената кога ја начекаа во ходникот.

И Александра и другите кои ги затекнавме се вратија назад со децата.

– Го земам со мене на работа. Нема кој да ги чува денес – рече таткото на едно дете.

Мајка на петтодделенец што посетува училиште во општината Аеродром сабајле одлучила тој да остане дома.

– Синоќа до доцна имавме преписки со наставниците и со родителите. Одлучив синот да не го пуштам во училиште. Од училиштето добивме известување дека директорот поднел барање за заменски наставници, но тие секако нема да дојдат веднаш. Ни рекоа дека наша одлука е дали ќе ги пратиме децата на училиште, но дека истовремено нема да им се запишуваат неоправдани часови, ако не присуствуваат. Ако отидеше во училиште ќе ги собереа сите деца заедно, ќе седат без да има настава и секако ќе ги пуштат за час или два – посочува таа.

Фото: С.Н.М.

Во основно училиште во Прилеп денес имало триесетина деца. Дел од наставниците држеле настава, а дел штрајкувале.

– Директорката им рекла на наставниците дека е нивно право дали ќе штрајкуваат или не. И таа влегувала на час каде што имало деца, а наставникот штрајкувал – нѐ информираше родител.

Но, друг родител во скопски Карпош вели дека состојбата е тотално конфузна.

– Препораката беше дека имаат наставник кој не штрајкува и дека тој ќе го преземе деветото одделение на ќерка ми. Но, сабајлево тоа не се случило. Им рекле да седат во училница и да бидат мирни. На другото одделение, пак, им рекле да си одат, бидејќи нема кој да ги надгледува – објаснува родителот.

Вели дека вака децата повеќе ќе бидат во школскиот двор и на улица.

– Со оглед на тоа што не знаеме колку ќе трае штрајкот, се надевам дека децата ќе успеат да го надоместат изгубеното во образовниот процес – додава тој.

Во училиште во скопски Центар наставниците ги известиле родителите дека директорот ги информирал преку соопштението од МОН оти настава мора да има и не им дал детали што ќе се случува и дали е организирана наставата.

– Оброк за децата ќе има, а за настава не знаеме како и што е организирано – ни напишаа во групата. Јас ги поддржувам наставниците, но ред е да се знае што да се прави – вели Виктор Стојановски.

Директорот на скопското училиштето „Владо Тасевски“ Александар Сибиновски рече дека има наставници кои не работат и дека настава се одвива.

Се прошетавме до градинка и се вративме, децата се сите во една група…

Родители на деца што одат во градинка во населбата Железара, во општина Гази Баба, јавно на Фејсбук, побараа одговорност за тоа зошто денес не им ги примиле децата.

– Во градинка, групата групата за поголемото дете е затворена, а за тоа двегодишното е отворена, ќе примаат деца, ама немало да има јадење, така разбрав – реагираше родител чие дете оди во градинка во општина Ѓорче Петров.

Штрајкот почна како што беше планирано, вели Неделков

Маја Ристевска, мајка на дете кое оди во градинка во Карпош, вели дека утрово го однела детето во градинка, а потоа со него се вратила дома.

– Денес ме ослободија од работа. Сите деца што ги носеа родителите беа измешани и решив дека е преголем ризик да остане – вели таа.

Во градинка во Прилеп, децата на родителите кои одлучиле да ги однесат ги примале оние кои работат со договор на дело.

– Оние кои  се вработени штрајкуваат, другите не смеат. Ние не го однесовме детето, учителката е вработена, и со оглед на тоа што најдовме кој да го чува, одлучивме да ги поддржиме на ваков начин – вели Сања Јованоска. С.Н.М.