Фото: Игор Бансколиев / Архива

Доколку се ограничува купувањето нафта правното лице се соочува со казна од 4.000 евра, а одговорното лице во правните субјекти со казна од 1.200 евра. Контролите ќе продолжат, велат од пазарната инспекција

Граѓаните направија колони на бензинските пумпи, а некои од нив ограничувале колку гориво може да се купи

Државниот пазарен инспекторат цела ноќ правел контроли по бензинските пумпи и не открил трговци кои ја ограничуваат количината на гориво што може да се купи, вели оттаму Александра Котели. Инспекторите контролираа откако на многу бензински во државата се создадоа огромни колони. Граѓаните чекаа ред да наполнат гориво поради страв дека нема да има и дека од понеделник неговата цена драматично ќе порасне поради војната во Украина. За тоа дека бензински ја ограничувале количината што може да се купи пријавувале и во Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси (РКЕ), што дополнително ги зголемило редиците. Котели е децидна дека не смее да се ограничува количината на гориво што може да се купи.

– Нашите инспектори цела ноќ беа на терен и не утврдија ограничување на количините. Тоа е незаконски и законот го третира како нечесно, измамничко однесување. Доколку се случува, правното лице се соочува со казна од 4.000 евра, а одговорното лице во правните субјекти со казна од 1.200 евра. Контролите ќе продолжат – вели Котели.

„Не правете колони, се создава вештачка криза“

Македонија има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви, тврдат од Владата. Оттаму апелираат дел од трговците на мало со нафтени деривати да не ја ограничуваат количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите, а потрошувачите да не чекаат во колони на бензинските пумпи и да не прават залихи од гориво поради безбедносни причини.

Влада: Имаме резерви на нафтени деривати и жито, граѓаните да бидат смирени

– Граѓаните не треба да се грижат, нафтени деривати во државата има, трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката – соопшти денеска владината прес-служба.

Марко Бислимоски, претседател на РКЕ вели дека паниката е настаната поради шпекулации на социјалните мрежи дека нема да има нафта и оти во по понеделник нејзината цена ќе порасне на 150 денари. Тој објаснува дека никогаш не било доведено во прашање снабдувањето во земјава.

– Од Грција увезуваме 90 проценти од количините на нафта. Во ниту еден момент не станало збор за тоа дали ќе има. Нафта има. Не смее да се ограничува количината што може да се купи – вели Бислимоски.

Новата цена на горивата ќе се определува в понеделник, а Бислимоски вели дека не може да се претпостави каква ќе биде.

– Сѐ уште не се стасани пресметките од компаниите. Не може да шпекулираме за тоа – вели претседателот на Регулаторна.

Тој потенцира дека ако пазарниот инспекторат ги информира за правни лица кои предизвикуваат штети, ќе преземат мерки, а меѓу нив е одземањето на лиценци за оние кои тие даваат.

Има нафта, граѓаните да не чекаат во колони на бензиските пумпи

Пред четири дена цената на сите горива се зголеми за денар и половина.

Има залихи

Вчера од РКЕ истакнаа дека вештачки се нарушува пазарот и се прекршуваат основните принципи за сигурност во снабдувањето со енергија. Дел од малите трговци, рекоа, не се однесуваат фер и ја ограничуваат понудата, со што оставаат впечаток дека нема гориво. На тој начин си прават „залиха”, која би ја продавале по нови цени што на некој начин во услови на криза е „воено профитерство“.

– Нема простор за никаква паника во делот на снабдување со нафта и нафтени деривати. За мене е несфатливо како е дојдено до оваа ситуација, бидејќи сите анализи покажуваат дека и компаниите сами имаат залихи, а дополнително имаме и согласно Агенцијата за стокови резерви и нафта и бензин и сите други деривати кои се пропишани. Ги повикувам сите граѓани да не чекаат во колони на бензинските пумпи, бидејќи нема никаков простор за паника – нагласи Бектеши.

Тој истакна дека во континуитет ќе има нафта и нафтени деривати и не треба сами граѓаните да ја создадат кризата, затоа што кога не се купува согласно потрошувачката што е предвидена или повеќе или помалку, тоа може да создаде нарушување на пазарот.