Фото: Пиксабеј

Токму прашањето околу тоа дали учениците мора да носат маски додека се на учлиште предивика многу поделени ставови, не само меѓу родителите, туку и меѓу граѓаните, но и кај експертите

Резултати од анкетата на „Нова Македонија“

Учениците да не мора задолжително да носат маски на училиште, туку тоа да е индивидуална одлука, сметаат поголем дел од граѓаните, покажа нашата анкета. Преку анонимна онлајн-анкета прашавме дали учениците сè уште треба да носат маски и зошто, во услови на намалување на бројат на заболени и олабавување на мерките против ковид-19.

Повеќе од 60 отсто од граѓаните, кои во текот на еден ден одговориле на анкетата, сметаат дека учениците не треба задолжително да носат маски додека се на училиште. Од нешто повеќе од 400-те одговори што ги добивме, околу 25 отсто од анкетираните сметаат дека децата треба да носат маски на училиште, додека 13,3 отсто одговориле со „не знам“.

Фото: Принтскрин

Токму прашањето околу тоа дали учениците мора да носат маски додека се на учлиште предивика многу поделени ставови, не само меѓу родителите, туку и меѓу граѓаните, но и кај експертите.

Здравствените власти досега неколку пати посочија дека епидемиолошката состојба во училиштата е стабилна, беа правени и скрининзи со брзи тестови на учениците, а резултатите покажаа ниска трансмисија на вирусот во училиштата.
Сепак, тоа не ги охрабри да ја укинат мерката за носење на маски во училиштата. Министерот за образование, Јетон Шакири изјави дека треба да се почека препораката на Комисијата за заразни болести пред да се донесе одлука за оваа заштитна мерка.

Родителите често своите мислења ги споделуваат на социјалните мрежи, а и организирано побараа да не бидат задолжителни маските во училиштата.

Маските да се избор, да се гледаат насмевките на децата

Оние кои сметаат дека не треба да се носат маски, како главна причина посочуваат дека колективниот имунитет на населението во државата има прилично висока стапка.

– Дури и оние ученици што не се заразиле досега, и да се заразат, ќе поминат полесно. Стравот дека ќе го пренесат дома, кај повозрасните, и можеби и кај критичните групи, треба да се намали, затоа што повеќето од нив веќе се вакцинирани или прележани. Доколку, некој сака поради својата и туѓата безбедност да носи маска, тоа би требало да го прави, ама по свој избор, не наметнат. Време е насмевките на децата повторно да се гледаат – посочуваат тие.

Фото: Принтскрин анкета

Други родители, пак, велат дека нема поента децата да носат маски само во училница, кога во кујна на јадење се без маски, или пак се дружат без ваква заштита.

– На голем одмор се без маски, по детски родендени се без маски, повеќе од половина не ја ни носат маската правилно. Која е поентата?-додаваат тие.

Фото: Принтскрин анкета

Има родители кои веруваат дека носењето маски е штетно за децата.

– Наставата е неизводлива со маски. Не се слушаат добро меѓу себе, не внимаваат како ракуваат со нив, не ги менуваат на време. Кафеаните се преполни со луѓе без маски. Сè е маска и глума. Кои протоколи, само на хартија? Останавме последни со маски на Балкан и Европа. Дајте луѓе, освестете се – критикуваат тие.

Еден од испитанциите вели дека родителите не носат маски на работа и по кафеани, а децата се гушат на училиште на нивна сметка.

– Едното дете оди во градинка без маска, а другото во школо со маска и на крајот од денот спијат во иста соба. Во пракса видовме дека маската не нè штити најдобро. Поради маските не напаѓаат двојно повеќе вируси, дури и оние кои претходно ни ги препознавал организмот – коментира тој.

Фото: Пекселс

Маската најдобра превентива за заштита

Родителите, пак, кои сметаат дека децата во училиште сè уште мора и треба да носат маски, наведуваат низа причини за тоа.

Еден од родителите вели дека првата причина е што пандемијата со ковид-19 уште е присутна.

– Немаме здравствен систем што функционира. Сите познати околу мене беа заразени од нивните деца од градинка или од училиште – додава тој.

Друг, пак, вели дека секој може да биде преносител, без разлика дали е наставник или ученик.

– Што со наставниците со хронични болести? Нема ли тие вака да бидат изложени на преголем ризик? Поминуваат шест до седум часа дневно со шест или седум различни паралелки. Еве, нека се и по 20 ученици во класот. Тоа се 120 контакти дневно. Многу е. А што ако наставник е позитивен? Тогаш ќе го линчуваат јавно родителите и токму тие кои се најгласни децата да одат без маски – посочува нашиот читател.

Фото: Принтскрин анкета

Трет испитаник вели дека далеку сме од победа над вирусот и тоа го гледаме во земјите каде ги олабавија мерките и скокна бројот на заболени.

– Децата не живеат сами и треба малку емпатија кон другите. Не е дојдено нож до коска. Ги носевме две години можеме и додека не сме сигурни дека вирусот исчезнува – заклучува тој.

Фото: Принтскрин анкета

Дали задолжително ќе се носат маски во училиштата треба да процени и пресече Комисијата за заразни болести, чиј состанок се очекува денес, а нејзиниот предлог потоа треба да се разгледува во Владата.

Бројот на регистрирани активни случаи во моментов е 1.833 и најмногу од нив се во главниот град.