Андоновски, Даниловски, Алексиќ, Пановски, Стаменов и Пешев дадоа свои видувања за „Нова Македонија“

На 11 март 2020 година, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи пандемија на тогаш новиот коронавирус. Со ова, СЗО упати силна и јасна порака до сите земји во светот дека состојбата со болеста ковид-19 е крајно сериозна и дека секоја држава, согласно својата поставеност и здравствен систем, мора да почне да се подготвува за справување со оваа криза.

Овој вирус во Европа, во тој момент, беше проширен најмногу во Италија, каде што брзината на ширење достигна енормни размери. Две години подоцна сѐ уште се наоѓаме во пандемија, но и со сериозни последици, и човечки и економски.

Ова е лекција за однесувањето на човекот за можни идни пандемии. Но, што и дали нешто од сето ова научивме? Своја оценка и одговори даваат истакнати личности од неколку области од општествениот живот.

Венко Андоновски, писател и професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје

Ништо не научивме, дури и заборавивме

Венко Андоновски

Ништо не научивме, за жал. Мислам дека дури и заборавивме. Заборавивме што е одговорност и совест во колективот: не носевме маски, не миевме раце, правевме дури и свадби, иако знаевме дека сме позитивни, не мислевме на другите, се гневевме без потреба на медицината, лекарите, вакцините. Никако не можевме да се помириме дека станува збор за виша сила и дека само радикална дисциплина и заедништво можат да победат невлидлив непријател. Ги читавме бројките на починатите како да станува број за „некои други“ а не за нас, сѐ додека не ни се случи да загубиме некој близок или познат. Само тогаш нѐ болеше. При крајот смртта ја доживувавме целосно апстрактно – само кога статистичарите ќе не потсетеа дека сме загубиле конкретни луѓе колку во десетина скопски земјотреси, само тогаш сфаќавме со каква катастрофа си имаме работа.

А требаше да научиме: кај болеста егоизмот не проаѓа. За политичарите не сакам ни да зборувам: ја преспаа пандемијата, заборавија на својот народ, им изгореа и живи луѓе во болница. Си го гледаа само својот орган за седење и сопствената фотелја, како и секогаш. Такви сме и за сите други прашања од круцијален интерес за колективен опстанок, и затоа сме таму каде што сме – и во политичката сегашност на Европа. На дното.

Епидемиолог, д-р Драган Даниловски, професор на Медицинскиот факултет во Скопје

Пандемијава ни ја тресна в очи вистината – време е за тотален ресет

Д-р Драган Даниловски

Две години пандемија на ковид-19. Што можеме да заклучиме по две години пандемија?
Дека имаме здравствен систем на стаклени нозе.
Дека немаме доволно медицински кадар за адекватен одговор при зголемен притисок на здравствениот систем.
Дека немаме стратегија за справување со пандемијата.
Дека немаме капацитет за целосно спроведување на било какви мерки.
Дека политиката е поважна од науката.
Дека бизнисот е поважен од човечките животи.
Дека лекувањето на болните од ковид е импровизација, зашто т.н. протоколи не се издигнати на ниво на законска обврска.
Дека еснафските здруженија се мртво слово на хартија.
Дека народот нема доверба во институциите на власта.
Можевме да заклучиме и дека народот нема чувство за заедништво, за заеднички општествен интерес. Дека нема трошка емпатија за страдањата на својот ближен.
Дека основната смисла на животот ја гледа во кафеаните, журките. Дека образованието ни е катастрофално. Дека огромно мнозинство граѓани веруваат повеќе во теории на заговор, отколку на науката.
Ако ни е за утеха, се покажа дека тоа не е само кај нас така. Целиот Запад покажа – помалку или повеќе – исти симптоми.
Пандемијава ни ја тресна в очи вистината дека сме живееле во општества-холограми. Дефинитивно е време за тотален ресет.

Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје

Сѐ може да се надомести, освен изгубен живот и здравје

Татјана Алексиќ

Заедно со учениците ја научивме животната лекција, дека сѐ може да се надомести, освен изгубен живот и здравје и дека најсериозните нешта во животот се болест и смрт.
Децата ни созреаја пред време, овие две години го изгубија правото на безгрижно детство. Импровизиравме училница и учење, сѐ се смени во текот на овие пандемиски години.

Било онлајн, било настава во живо, ништо не е како што треба, туку како мора. Се „наморавме“ и се изморивме сите. Ќе имаме долгорочни последици, но и можност да се надоместат и надополнат празнините во некои нормални и здрави времиња. Сѐ ќе се надополни, освен загубите на најмилите…

Борче Стаменов, Иницијатива „Донирај Компјутер“

Во Македонија сме како во зграда во која сите комшии се скарани

Борче Стаменов

Во овие две години пандемија научивме дека мора да почнеме да се учиме како да функционираме во колектив, бидејќи во спротивно нема да опстанеме. Во Македонија сме како во зграда каде сите комшии се скарани, па сега неколку станови се групирани против некои други. Ниту имаме заедништво да создадеме пристојни услови за живот, ниту ќе создадеме прогрес, само ќе тонеме врзани заедно во отпад и нечистотија.

Она што со сигурност го знам дека припадноста во колектив се учи, и што поскоро ќе мора да почнеме да ја учиме, бидејќи не сме свесни кон што одиме: не инвестираме во образованието на младите, не ги згрижуваме социјално загрозените, немаме економска поддршка во случаи на криза, а чувството е дека дури сега почнува кризата.

Она што најмногу ме загрижува е отсуството на инвестиции во образованието за да се извади некоја генерација, која можеби ќе дојде кога ние нема да бидеме тука, но ќе почне да се однесува како да имаме една цел и солидарност ќе нѐ извади од ова дно во кое сме сега.

Микробиолог, д-р Никола Пановски, професор на Медицинскиот факултет во Скопје

За жал некои ништо не научија, ниту сакаа да научат

Д-р Никола Пановски

Повеќе работи научија тие што сакаа да научат. За жал некои ништо не научија, ниту сакаа да научат. Тоа се, од една страна, оние кои се знаат (теоретичари на заговор), и од друга страна, оние кои се слушаат и спроведуваат, без разлика дали тие постапки и мерки имаат логика и научна основа.

Би издвоил неколку точки:

1. Вирусот се шири скоро исклучиво по респираторен пат, преку капки и аеросоли, во затворен простор. Носење на ракавици, поздравување со лакти и тупаници, дезинфекција на улици и на продукти, перење на облека, носење на маски на отворено кога сте сами се само дел од тие мерки, без никаква научна основа и епидемиолошка оправданост.

2. Карантините и изолациите спроведени во земјите кои истите не можеа да ги издржат на подолг рок само го одложија неизбежното, а оставија големи економски, социјалнии и психички последици. На луѓето им се забрануваше престој во природа, на сонце.

3. Младите и здрави требаше и треба да го поднесат теретот од пандемијата. Акцентот за изолација и превенција, вакцинација, требаше да биде усмерен кон ризичните групи, хронично болните и постари лица.

Антони Пешев, косопственик на Ултра/Унет група на компании и администратор на популарната група на Фејсбук „Ковид-19 искуства и совети“

Добрата информираност во услови на вакви кризи е повеќе од потребна

Антони Пешев

Оваа пандемија ќе остане запаметена по неколку факти. Прво, неподготвениот здравствен систем за справување со пандемија, речиси секаде во светот. Второ, паниката која завладеа не само кај популацијата, туку и кај здравствените работници кои мораа со неа да се борат. Трето, огромното количество на информации и дезинформации кои лесно се ширеа низ социјалните мрежи, правејќи ја паниката уште подраматична. Четврто, брзината со која беа пронајдени вакцини за неа, во период пократок 10 пати од стандарното време потребно за изработка на вакцина во нормални услови.

Да се вратиме на позицијата и важноста на групата „Ковид-19 искуства и совети” која со сопругата ја формиравме на почетокот на ноември 2020 година. Групата која денес брои повеќе од 60.000 членови е уникатна по својата работа и функционалност. Таа заради вниманието кое се посвети на елиминацијата на невистини и лажни информации, овозможи лесна комуникација на широк број на луѓе кои преку неа можеа да стапат во контакт со реномирани доктори од повеќе струки, и на директен начин да се информираат за своите здравствени проблеми како и за проблемите на блиските луѓе. Морам да искажам голема благодарност на групата на доктори кои доброволно, без никаква надомест, упорно одговараа на прашања кои често и се повторуваа, но тие имаа трпение на скоро сите нив да одговорат. Својата функција оваа група во голема мера ја оствари, покажувајќи дека добрата информираност во услови на вакви кризи е повеќе од потребна.

Неколку кратки поенти како своевиден заклучок за тоа што треба да се прави во иднина во услови на вакви кризи:

– Кризите се појавуваат без најава и предупредување
– Здравствените системи треба за ова да се подготвуваат како да тоа ќе се случи можеби и утре
– Во борбата со пандемијата треба да се влезе без одолговлекување и со комплетна транспарентност
– Треба да се искористат капацитетите на сите расположливи институции и поединци кои можат да помогнат
– Треба да се превенира и спречи ширењето на лажни информации со што ке се намалат условите за стварање на паника и чувство на безизлезност
– И секако многу повеќе треба да се вложува во здравствените системи на државите во целина, зошто бевме сведоци дека земјите кои имаат подобри здравствени системи успеаја да поминат низ кризата со помалку смртни последици

Уште еднаш би сакал да се заблагодарам на сите кои ја имаа нашата група како своја и низ неа најдоа начин и одговор како полесно да се справат со оваа опака болест. Поздрав до сите „БОРЦИ”, како за себе викаат членовите на групата.