Фото: Принтскрин

Мораме да прифатиме дека целта на вакцините е да спречат тешки, а не лесни симптоми. Бустер дозите да бидат резервирани само за постарите од 65 години и сите други со хронични здравствени проблеми. Исто како кај грипот. Во спротивно, никогаш нема да можеме да си го живееме животот како порано

Без стратегијата за нулта ковид-толеранција

Целосно искоренување на ковид-19 е невозможно, а стратегија за „нулта ковид-толеранција“ преку постојани бустер дози е непрактична. Победата над коронавирусот ќе биде тогаш кога од пандемиска ќе поминеме во ендемична фаза, исто како и со вирусот на грип.

Како што научивме да живееме со грипот, така ќе научиме да живееме и со ковид-19. Вакцината овде е да спречи тешка клиничка слика, а не лесни симптоми.

Вака проф.д-р Драган Даниловски, епидемиолог, ја опишува моменталната состојба со ковид-19 во земјава, за која вели дека стивнува на природен начин и дека веќе сме влезени во зелено ковид ниво. Тој смета дека во Македонија на еден или на друг начин, на популациско ниво населението има околу 90 проценти колективен имунитет на ковид-19.

– Сѐ уште сме среде пандемијата на ковид-19, која драматично го промени начинот на кој работиме и живееме. За тоа да се смени, кога ќе можеме да кажеме дека ја преминавме границата од пандемија до ендемија и дека ги живееме нашите животи како порано, треба да разбереме што разумно можеме да очекуваме од имунитетот против ковид, стекнат со прележување или вакцинирање. Тој штити од тешки симптоми, заради кои е потребна хоспитализација. Меѓутоа, со текот на времето, нема да биде високо ефективен во заштитата од болест со лесни симптоми, (покачена температура, кашлица, затнат и растечен нос и замор) – објаснува Даниловски.

Според него, целта на вакцините е да се спречат тешки симптоми. Кај повеќето луѓе со нормален имунолошки систем, тоа го овозможуваат две дози на мРНА вакцини (на „Фајзер“ и „Модерна“).

-Но, не кај сите. За постарите од 65 години и за оние со разни хронични состојби, (прекумерна тежина, дијабетес, кардиоваскуларни болести, рак и др.) потребна е и трета (бустер) доза, за да се поттикне високо ниво на заштита од тешки симптоми. За луѓето со компромитиран имунитет, можеби ќе треба и четврта – вели Даниловски.

Според него, од неодамна е покажано дека една бустер доза нуди добра заштита и од лесни симптоми во тек на неколку месеци. За заштитата да трае уште подолго, би била потребна уште една бустер доза… итн.

– Но, дефинитивно, не е разумна јавно-здравствената стратегија на давање бустер доза после бустер доза, само за да се спречат лесни симптоми. Зошто? Затоа што, прележувањето на ковид-19 или две дози вакцина кај помладите (три кај постарите и хронично болните), а особено комбинацијата на прележување со вакцинирање (хибриден имунитет), овозможуваат долготрајна заштита од тешки симптоми (улога на клеточниот имунитет – мемориски клетки) – посочува тој.

Оттаму, епидемиологот советува дека е разумно да го промениме нашето размислување за ковид-19.

– До овој момент, се преземаше сѐ да ги идентификуваме и изолираме луѓето со асимптоматски инфекции или лесни симптоми (т.н. стратегија на нулта толеранција).
Ако имавме стратегија на нулта толеранција за грип, на пример, често ќе ги тестиравме луѓето за да утврдиме дали се асимптоматски или имаат лесни симптоми и ќе ги стававме во изолација. И би давале по две дози вакцина во текот на зимата, за да го одржиме високото ниво на неутрализирачки антитела. Тоа би го намалило ризикот од ширење. Ама, тоа е непрактично. Затоа, вирусот на грипот го означуваме како ендемичен и научивме да живееме со него – објаснува Даниловски.

Тој посочува дека ќе треба да сфатиме дека практично е невозможно да се спречи ковид-19 со лесни симптоми без често „бустирање“, за кое, повторува дека е непрактично.

– Значи, мораме да прифатиме дека целта на вакцините е да спречат тешки, а не лесни симптоми. Бустер дозите да бидат резервирани само за постарите од 65 години и сите други со хронични здравствени проблеми. Исто како кај грипот. Во спротивно, никогаш нема да можеме да си го живееме животот како порано – заклучува епидемиологот.

Инаку, досега вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја изнесува 299.642, на починати е 9.079, а бројот на активни случаи изнесува 2.871 лица.