Фото: Маја Јаневска-Илиева

До денеска цената на електричната енергија за домаќинствата е 7,32 денари за киловатчас во висока или скапа тарифа и 3,67 денари во ниска, евтина тарифа. Во сметките се пресметува и 5% ДДВ и комунална такса за јавно осветлување. Од утре ќе важат нови цени за струјата, но ќе се применува и нов модел за пресметка на сметките за домаќинствата. Пресметката на сумата што треба да се плати ќе биде покомплицирана, а цената за потрошените киловатчасови ќе зависи од висината на потрошувачката во скапата тарифа. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) воведе четири т.н. тарифини блокови, а колку домаќинството ќе плати за скапа струја зависи од тоа колку од неа ќе потроши во текот на 30 дена.

  • Доколку едно домаќинство за 30 дена потроши до 210 киловатчасови скапа струја ќе ги плати по цена за првиот тарифен блок – 7,72 денари за еден киловат.
  • Доколку едно домаќинство за 30 дена потроши од 210 до 630 киловатчасови ќе ги плати по цена за вториот тарифен блок – 8,08 денари за киловат. Потрошените 210 киловат часови ќе му се сметаат по цена од првиот тарифен блок.
  • Доколку едно домаќинство за 30 дена потроши од 630 до 1.050 киловатчасови скапа струја, за еден киловат ќе плати 8,66 денари. Притоа, оние пoтрошени до 630 киловатчасови ќе се сметаат според цените за првиот и вториот тарифен блок соодветно.
  • Доколку едно домаќинство за 30 дена потроши повеќе од 1.050 киловатчасови скапа струја, за еден киловат ќе плати 17,48 денари. Притоа, оние пoтрошени до 1.050 ќе се сметаат според цените за првиот, вториот и третиот тарифен блок, соодветно.
  • Еден киловатчас во евтина тарифа од утре ќе чини 3,99 денари (потрошени од 22 часот до 7 наутро).
  • Овие цени од РКЕ се со пресметана мрежарина.
  • На сметките ќе се додава и ДДВ од 5 проценти и комунална такса од 184 денари.

Ова значи дека доколку потрошите 100 киловат часови скапа струја и 200 киловат часови евтина, за скапата ќе платите 772 денари, за евтината 798 денари или 1.570 денари. Кога на оваа сума кога ќе се додаде ДДВ и комунална такса, сметката што ќе стаса ќе изнесува 1.834 денари.

Колку би платиле според потрошувачката може да пресметате и на КАЛКУЛАТОРОТ објавен на веб-страницата на РКЕ, кој пресметува и поскапување во проценти.

Што доколку ЕВН не ги чита броилата на 30 дена?

Како што е посочуваат од РКЕ, цените и тарифните блокови кои ги објавија се однесуваат за период на отчитување од 30 дена. Но, што доколку ЕВН не ги чита броилата за тој период. Иако границите на тарифните блокови се презентирани на период на потрошувачка од еден месец, тие неслучајно се деливи со бројот 30. Целта била да се пресметаат „дневните граници“ на тарифните блокови кои би се додавале или одземале на „месечната граница“ во сметката за струја, зависно од периодот на отчитување.

На пример, ако ви стигне сметка со период на потрошувачка од 32 дена, границата на првиот тарифен блок нема да изнесува 210 киловатчасови, туку 224. Причината е што „дневната граница“ на првиот тарифен блок изнесува 7 киловатчасови (210 поделено со 30 дена е 7). Н.Б.З.