Фото: Архива

Франција денеска потврди прв случај на мајмунски сипаници – вирус идентификуван кај 29-годишен маж во регионот Ил-де-Франс, што го опфаќа Париз.
Мажот во изминатиот период не посетил земја каде што циркулира вирусот, соопштија француските здравствени власти.
Случаи на мајмунски сипаници се откриени и во Велика Британија, Италија, Португалија, Шпанија и Шведска, Белгија како и во САД и Канада, што претставува опасност дека болеста, вообичаено концентрирана во Централна и Западна Африка, можно е да се шири.

Што се мaјмунски сипаници?

Maјмунски сипаници, објаснуваат од Институт за јавно здравје (ИЈЗ), се вирусна болест која е регистрирана во Централна и Западна Африка, во близина на тропските
дождовни шуми. Ова е зоонотско заболување кое се пренесува од животни на луѓе. Пренесување од човек на човек е ретко, но може да се случи во услови на близок контакт.
Болеста е слична со големите сипаници и иако се јавува во поблага форма, може да заврши со смрт.
Засега е нејасно што точно се случува во моментов со оваа епидемија и зошто во мај 2022 година почнаа да се појавуваат вакви групи на заболени од мајмуни сипаници во големите градови на високоразвиените земји.
Стапката на смртност изнесува од еден до 10 проценти, а најголем дел од смртните случаи се регистрираат кај помлади лица.

Европската Комисија од блиску ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со здравствените власти во ЕУ околу појавата на мајмунски сипаници на европскиот континент.
Повеќе земји членки на ЕУ пријавија појава на оваа ретка форма на сипаници, и Европската Комисија одржува редовни средби во рамките на комисијата за здравствена безбедност каде учествуваат и земјите членки на ЕУ. Портпаролот за здравство, Стефан Де Керсмакер, изјави дека Комисијата е во постојана комуникација и со Европскиот центар за контрола на болести, кој вчера објави и првичен извештај за мајмунските сипаници. Во извештајот се вели дека нивото на преносливост на оваа болест е умерено, но драстично се зголемува во случај на близок контакт, посебно сексуален, а додека доколку нема близок контакт помеѓу две лица, ризикот е низок.

Кои се симптомите?

Првите сиптоми се треска и отечени лимфни жлезди, проследени со ситнозрнест исип кој минува низ неколку фази (дамки, меурчиња, гнојници, красти). Болеста е најчесто самоограничувачка, а заболените се опоравуваат за 2-3 недели. Во некои случаи заболувањето може да се појави во тешка форма, особено кај лица кои имаат хронични заболувања или нарушен имунитет.

Периодот од заразување до манифестација на болеста во клиничка форма може да биде од 5 до 21 ден, зависно од начинот на заразување.
Нема специфична терапија и вакцина за мајмунските сипаници. Вакцината за големи сипаници која се употребувала во минатото може да биде делумно ефикасна, но таа веќе не е достапна за пошироката популација.

Како да се заштитат луѓето?

За избегнување на ризикот на пренос од човек на човек треба да се избегнува близок физички контакт со лица кои имаат или се сомнителни на мајмунски сипаници, како и
контакт со нивни телесни течности и предмети од околината. Доколку е неизбежен контактот со болно или сомнително лице, треба да се носи маска, ракавици и друга заштитна опрема. Заштита е и редовно, темелно миење на рацете после контакт/посета на болен човек.