Една од најгорливите теми во врска со наводниот француски предлог е македонскиот јазик. Иако пет години, од Заев наваму сѐ до Ковачевски, сите од власта ги убедуваа граѓаните дека воопшто не се преговара за идентитетот, јазикот и историјата. Денешниот епилог покажува дека сите од ред лажеле, токму тие теми опфаќале 70 – 80 осто од разговорите. Сега, истите од власта, без грам срам, од петни жили запнуваат да докажат дека таа битка е добиена и дека македонскиот јазик ќе биде признаен во Европа и ќе биде рамноправен во администрацијата на ЕУ.
Ваквото тврдење е нивната најголема измама што ја шират меѓу Македонците убедувајки ги да застанат зад понудениот предлог. Чиста фарса.

Што навистина ќе прифати Владата, а ќе потпише Бујар Османи во името на Република Северна Македонија во врска со наводниот француски предлог и билатералните протоколи и договори, токму во врска со македонскиот јазик.
Ајде да видиме, конкретно, без емоции, но со мали, кратки објаснувања, а можеби и со некое потпрашање.

Еве ги фактите. Во предлогот никаде не се споменува македонски јазик, како чиста дефиниција. Во него нема никаква гаранција дека македонскиот јазик ќе биде официјално еден од јазиците на Унијата. Тоа може да се случи дури од денот на приемот, 10 – 15 години од денеска па натаму. Неофицијално, тој и денес е во употреба. Нашите претставници во Европскиот парламент говорат на македонски, сите делегации, кога не разговараат на англиски, разговараат на македонски јазик со официјален преведувач. И од тоа никој досега не правел проблем.
Во Европа и во светот македонскиот литературен јазик го признаваат сите земји, освен една. И со букви и со бројки само една. Таа земја е Бугарија. Да повторам: Бугарија е единствената земја во светот што не го признава македонскиот јазик.
Втората земја што нема да го признава македонскиот јазик ќе биде Македонија, односно Владата на Република Северна Македонија. Ќе прашате дали е можно? Одговорот е – Да, можно е.
Еве како. Во однос на македонскиот јазик Македонија и Бугарија ќе потпишат два одвоени документа. Во едниот документ, во македонскиот, подготвен од нашата Влада, пишува дека македонскиот литературен јазик е кодифициран во 1945 година. Точно така пишува, тоа јавно го соопшти Бујар Османи. Овој став подразбира дека претходно не постоел, дека немало таков јазик. Самата формулација подразбира дека пред 1945 година немало и таков народ, зашто јазикот е народот, народот е јазикот.
Во другиот документ, бугарскиот, подготвен од бугарската Влада, таксативно пишува дека не постои македонски јазик. Точно така: не постои македонски јазик. Кон овој став нема ни точка, ни запирка, ни знак, ни ѕвездичка. Се е чисто како солза – не постои македонски јазик. Во оваа смисла треба да се подвлече и ставот изгласан пред десетина дена во Народното собрание на Бугарија кој, исто така, вели дека не постои македонски јазик, дека тој е западен дијалект на бугарскиот. Тој став е засилен и со директива дека бугарската политика во секоја прилика и на секое место е должна тој став да го застапува и спроведува. И да интервенира при секое споменување на терминот македонски јазик во Европската унија и во сите нејзини институции.
Ете, сите овие ставови ќе ги прифати и потпише македонската влада преку потписникот Бујар Османи. Самиот ќе потпише и потврди дека нема јазик што го носи името – македонски јазик.
За крај, а во врска со јазикот, сакам на заговорниците што стојат зад прифаќање на овие катастрофални поддршки да им поставам едно, нелигвистичко прашање, а се однесува на јазикот.
Имено, според францускиот предлог и билатералниот протокол, Владата на Република Северна Македонија ќе треба да ѝ доставува на Република Бугарија копии од сите методолошки упатства, учебници, наставни средства и други релевантни наставни материјали во образовната програма и за соработка во областа на образованието и науката.
Не зборувам сега за опасностите од воспоставување на образовно вазалство на кое ќе бидат потчинети македонското образование и наука.
Го поставувам следново прашање: Согласно на тоа што учебниците и научните трудови ќе ги одобрува посебна бугарска комисија, како во нив ќе пишува за Крсте Петков Мисирков, за Блаже Конески, особено. Како ќе ја нарекуваат македонската литература, проза, поезија, драма. На кој јазик пишуваат македонските писатели? Дали во преводите во Бугарија ќе пишува – преведено од македонски јазик. И дали во македонските изданија ќе пишува – превод од бугарски.
Или нема да пишува ништо, зашто со францускиот предлог Македонците ќе останат без јазик. Ќе јадат со својот, но не ќе може да зборуваат на својот јазик.