Фото: Принтскрин

Поради несогласувања околу дневниот ред на Комисијата за европски прашања (КЕП) во Собранието настана инцидент. При обидот на пратеници од опозицијата да ја прекинат седницата, по жестока расправија, Арбер Адеми од ДУИ, претседател на комисијата, а поранешен министер за образование, реагира со фрлање предмети кон пратениците кои се собраа околу него. Тоа се гледа на видеото, кое на Фесбук го сподели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Левков, а го сподели и партијата со кус коментар.

На снимката се гледа како пратениците Дафина Стојановска и Антинијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ се доближуваат до пултот на Адеми и му го тргаат микрофонот, по што тој го удира Милошоски по рака и фрла шише кон пратениците.

Адеми го погоди пратеникот од Алијанса за Албанците, Елми Азири со филџан по образ. Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села објави видео од инцидентот каде се гледа удирањето.

-Вака се однесува претседателот на КЕП! Понижување, насилство и навреди во Собрание! Македонија наместо Европа стана див запад со “каубоите” од власта! – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инцидентот се смири откако реагира собраниското обезбедување кое го носи претседателот на Комисијата надвор од салата.

Повод за жестоката кавга, беше гласањето на дневниот ред, на кој се најде и Законот за работата на судовите, со кој се предлага работниот век на судиите да се продолжи до 67 години.

Мистерството за труд и социјала предлага продолжување на работен век на судиите до навршувањето 67 години со што би се продолжил работниот ангажман на 60 судии и 13 обвинители кои се на чекор до пензија.