Фото: Фејсбук/Бојко Борисов

Пратеничките групи на ГЕРБ-СДС и ДПС доставија два нацрта до Народното собрание за решавање на спорните прашања меѓу Софија и Скопје, јави известувачот на „БГНЕС“.

Документот на ГЕРБ се нарекува „Нацрт-акција на Советот на министри за одобрување на нацрт-преговарачка рамка и нацрт-заклучок на Советот на ЕУ за европска интеграција на Република Македонија“. Предлог-одлуката е поднесена утрово.

Синоќа беше доставен документот на ДПС, како што најави лидерот на партијата Мустафа Карадај по изгласувањето недоверба со кое беше урната владата на Кирил Петков. Документот на Движењето е наречен „Предлог-одлука за одобрување на нацрт-преговарачката рамка на француското претседателство за преговори за членство на РС Македонија и Албанија во ЕУ“, предложена од француското претседателство.

„БГНЕС“ потсетува дека францускиот предлог се состои од три независни елементи кои целосно можат да одговорат на прашањето дали Македонија е подготвена да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

Првиот документ, нацрт-заклучоците на Советот, кажува дека темата „билатералните односи Скопје-Софија“ ќе биде дел од преговарачкиот процес. Овој документ, како и вториот документ, преговарачката рамка, се однесува на трет, клучен документ – билатерален протокол во кој нема ништо француско и целосно е производ на договор меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји. Ова е всушност патоказот со конкретни заложби и фази кои Скопје мора да ги спроведе за возврат да го укинеме ветото, пренесува „БГНЕС“