Фото: Игор Бансколиев

Иницијатор на измените за недела неработен ден е Сојузот на синдикатите на Македонија од каде што велат дека суштината на социјалниот дијалог е да се почитува договореното и оти така јакне довербата помеѓу социјалните партнери

Од денеска, недела е и законски неработен ден.

Со законските измени во недела не треба да работат околу 92 отсто од работниците. Владата ги предложи, за како што соопшти да се воспостави рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот, како предуслов за нивна мотивација и поголема ефикасност на работното место.

-Работниците се нашиот најголем капитал. Нивниот труд мора да се почитува и вреднува. Затоа, оние што ќе бидат ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50 отсто повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена-рече министерката за труд Јагода Шахпаска.

Таа додаде дека вработените во трговските центри, односно моловите, кои ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100 отсто. А дополнително, 2 проценти од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.

Иницијатор на измените за недела неработен ден е Сојузот на синдикатите на Македонија од каде што велат дека суштината на социјалниот дијалог е да се почитува договореното и оти така јакне довербата помеѓу социјалните партнери. Така, велат од ССМ, тие се мотивираат за унапредување на системот на преговарање како начин за уредување на законите и националните политики и стратегии.

-Во услови на светска здравствена криза, предизвикана од ковид-19, се покажа дека повеќе од потребно е недела да биде неработен ден за сите работници. По пат на социјален дијалог со Влада и работодавачите, гласањето во Собранието од страна на пратениците, успеавме да го обезбедиме ова право на работниците-велат од ССМ.

Според Синдикатот, деведесет и два проценти од работниците ќе одмораат, а оние осум проценти што работат во дејностите во кои не може да се прекине работниот процес, за работа во недела ќе добиваат најмалку дополнителни 50 отсто додаток на плата за секој поминат час за работа во недела, а синдикатите здружени во ССМ веќе преку колективните договори обезбедија и 100 посто додаток на плата за работа во недела, наведуваат од ССМ.

Државниот инспекторат за труд соопшти дека со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања на Законот за работни односи за недела неработен ден, од 2 јануари ќе воспостави дежурства во недела по региони, на кои работниците можат да пријават доколку им се прекршени правата во врска со работата во недела.

Пред започнување на вршење на работа во недела, работодавачите се должни да го известат Државниот инспекторат на труд на пропишан образец- Известување за вршење работа во недела, кој може да се најде на веб страницата на Државниот инспекторат за труд.

-Со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања, Државниот инспекторат за труд воспоставува дежурства во недела по региони. Ги охрабруваме сите работници на кои ќе им бидат прекршени нивните права во врска со работата во недела, спротивно на законските прописи, да пријават во Државниот инспекторат за труд-се наведува во соопштението од Инспекторатот.

Пријавувањето може да го направат на неколку начини: на веб страницата на ДИТ (https://dit.gov.mk/) анонимно или како пријава од познат подносител, со поднесување на пријава во архивите на подрачните одделенија и во централата на ДИТ од понеделник до петок од 8.30 до 16.30, преку кол центарот повикувајќи го бројот 15131 од понеделник до петок од 8.30 до 16.30, и во недела почнувајќи од 2 јануари 2022 година од 8.30 до 16.30 часот на дежурните инспектори по региони.