Фото: Архива

Властите во Скопје не отстапуваат од дијалогот со Софија и се надеваат дека помошта од меѓународните партнери и пред се проактивниот пристап на Франција би можеле да придонесат за изнаоѓање решение за побрз старт на преговорите за членство на земјава во ЕУ. Од друга страна, од Софија доаѓаат дисонантни пораки од членките на владејачката коалиција и изрази на сомнеж дека е можен договор со Скопје до крајот на француското претседавање со ЕУ, односно до крајот на овој месец.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера во одговор на прашање на МИА дали на маса е нов француски предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија, истакна дека проактивниот пристап на француското претседателство со Европската Унија е добредојден и изрази надеж дека тој би можел да придонесе за изнаоѓање решение со кое би и се помогнало на земјава побрзо да ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ.

– Француската Република како актуелен претседавач со ЕУ уште при преземањето на претседателството во јануари оваа година го најави засилениот ангажман во насока на изнаоѓање решенија за отворените прашања на Западниот Балкан. Оттука, активностите на француската дипломатија во изминатите шест месеци, односно средбите на политичко и експертско ниво не се некаков нов обид за пробив, туку се целосно на линија на декларираните приоритети во однос на претседавањето со ЕУ. Целта на сите активности е да се направи исчекор во дијалогот со Бугарија во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан и Европскиот Совет, најавен за последната недела од овој месец во Брисел – се нагласува во одговорот од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Во однос на прашањето за евентуалното вметнување на бугарските предлози во преговарачката рамка со ЕУ, претседателот Пендаровски смета дека утврдувањето на конечниот текст и усвојувањето на преговарачката рамка за која било држава е процес за кој е потребен целосен консензус меѓу земјите членки на Унијата, а основата врз која се утврдува самата рамка е европското законодавство, каде постојат правила, но и пракса, за тоа што може, а што не може, да биде дел од рамката.

– Во оваа смисла, позицијата на претседателот Пендаровски се темели на констатацијата дека не смее да се дозволи преседан во случајот со Република Северна Македонија, со кој би се дозволило прашања кои задираат во идентитетските параметри и кои не се дел од европското законодавство, да бидат опфатени во преговарачката рамка. Преговарачката рамка која ќе ја усвои ЕУ, треба да биде прифатена и од нашата држава, по што и формално би започнал процесот што ќе доведе до отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ – се нагласува во одговорот од Кабинетот на претседателот на Републиката.

Прашањето на МИА до шефот на државата уследи по информациите на „Дојче веле“, кое повикувајќи се на „добро упатени извори во процесот“, објави дека јавноста смета оти се преговара по португалскиот предлог, но оти на маса сега е француски предлог за решавање на спорот, а советници од Министерството за надворешни работи на Франција, а потоа и советник од Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон, во изминатиот период биле на средби во Скопје и во Софија.

Во врска со ваквите информации вчера преку „Фејсбук“ од Вашингтон, каде ја предводи владината делегација којашто учествува на Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД, се огласи и министерот за надворешни работи Бујар Османи, посочувајќи дека е во редовна комуникација со неговата бугарска колешка Теодора Генчовска, со цел, како што вели, „да обезбедиме засилување на разговорите во пристојното период, на сите нивоа меѓу двете министерства, во насока на надминување на разликите за време на француското претседателство“.

– Постојат бројни иницијативи од нашите меѓународни партнери, со свои идеи да се вклучат во овие разговори, меѓу кои е секако и Франција како актуелен претседавач со Советот на Европската Унија. Сите инволвирани страни во процесот даваат максимални напори да се обезбеди предлог на маса кој ќе го крене ветото за нашите европски интеграции, кое воедно би било во согласност со позициите на кои Владата се обврза преку декларацијата во Собранието- додава Османи во објавата.

Од друга страна, Генчовска вчера пред седница на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Бугарија, изјави дека прашањето за Македонија не може да се реши до крајот на француското претседателство со Советот на ЕУ.

Таа при тоа обвини дека тимови на бугарскиот премиер Кирил Петков „на различни начини продолжуваат да го саботираат процесот“ на преговори меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија.

– Тие водат разговори со нашите партнери од ЕУ. Ние се обидуваме овие разговори да ги водиме на чисто професионален начин, но од маргините дознавме дека и советници на премиерот водат паралелни разговори – рече шефицата на бугарската дипломатијата.

Сопартиецот на Генчовска, меѓународниот секретар на Има таков народ (ИТН), Димитар Грдев, пак, изјави дека ставот на неговата партија е да не ја спречи Македонија да влезе во ЕУ, но смета дека земјава треба да биде доверлив партнер.

– Мора да имаме апсолутни гаранции дека ќе се почитува Договорот за добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, дека ќе престане говорот на омраза, дека ќе се почитуваат правата на Бугарите во Македонија, дека ќе имаме пријателски сосед – изјави Грдев за Бугарското национално радио.

Во однос на претходните најави на бугарските медиуми дека претседателот и премиерот на Бугарија, Румен Радев и Кирил Петков, наскоро ќе заминат во посета на Париз на средба со шефот на француската држава Емануел Макрон, кој ќе им презентира предлог за укинување на ветото на Софија за старт на преговорите за членство на земјава во ЕУ, вчера се огласи и Радев кој изјави дека „нема услови“ за негова посета на Франција.

– Нема напредок по отворените прашања меѓу Софија и Скопје, затоа нема услови за мојата посета на Париз кај претседателот Макрон. Сакам да видам реални резултати, ја ценам ангажираноста и напорите на нашите европски партнери – рече Радев.

Од друга страна, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во обраќање на 27-от Конгрес на Европската народна партија во Ротердам, порача дека прв приоритет во однос на проширувањето на ЕУ е решавање на прашањето меѓу Македонија и Бугарија за да се овозможи старт на преговорите за членство на земјава во Унијата.

– Не смееме да го заборавиме Западниот Балкан. Ова е тема што длабоко не допира. Треба да бидеме сигурни дека нема да испратиме сигнал дека редот е попречен. И првиот приоритет што го имаме во овој поглед е да обезбедиме решение на отвореното прашање меѓу Бугарија и Северна Македонија, за да можеме, како Европска Унија, да ги започнеме релевантните преговори со Северна Македонија и Албанија – рече Мицотакис.

И портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Папајоану вчера уште еднаш ја повтори грчката поддршка за европската перспективата, како на Македонија и Албанија, така и на останатите земји од регионот, истакнувајќи дека Скопје и Тирана треба веднаш да ги започнат преговорите за членство во ЕУ.

– Ние вложуваме секакви напори и им го потенцираме тоа и на нашите европски партнери и на земјите од регионот и нашата позиција е дека овие преговори за интеграција треба да започнат веднаш и дека не постои простор за дополнително доцнење – рече Папајоану, на прашањето на МИА во однос на тоа дали по посетата на Дендиас на Северна Македонија и Албанија постои оптимизам за итен почеток на преговори со ЕУ.