Фото: Влада/Архива

Конкретен дијалог и конкретни чекори за решавање на спорот со Бугарија се очекуваат наредниве две недели, како и одржување на втората меѓувладина седница до крајот на овој месец. Ова го најави вчера министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој меѓудругото порача дека ова лето Македонија ќе ги чека Бугарија и Европската Унија да го преземат вистинскиот чекор во однос на земјава, а доколку тоа не се случи, тој смета дека треба да се повлече линија.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, пак, смета дека во јуни нема да се тргне ветото, а она што реално може да се случи е да се одржи втората меѓувладина седница. Тој побара од Европа да се обедини во однос тоа што ѝ се случува на земјава во евроинтегративниот процес, како што се обедини за Украина.

– Мислам дека веќе е доста. До јуни, да не се врзам со месеци, до лето, мислам дека треба да продолжиме со максимални напори како ова да успее. Сметам дека е важно и опозицијата да го сфати моментот. Да продолжиме конструктивно додека не се исцрпи оваа можност и после тоа да излеземе и отворено пред граѓаните, и отворено пред ЕУ, и отворено пред Република Бугарија дека не можеме граѓаните повеќе да ги малтретираме и да ги изложиме на ваков процес на циклични очекувања и разочарувања притоа исполнувајќи ги сите услови. Треба да знаеме на што сме, не може повеќе вака – потенцира Османи на вчерашната прес-конференција.

Тој истакна дека изминатите месеци, по активирање на новиот пристап во преговорите преку состаноците на работните групи, има приближување на позициите и додаде дека историска штета ќе биде ако не се успее сега, бидејќи „како што рече никогаш нема да бидеме во подобра позиција за надминување на овие разлики“.

Османи нагласи и дека Договорот за добрососедство со Бугарија никој не смее да го стави под знак прашање. Бугарија, вели тој, секогаш ќе биде наш сосед, сојузник во НАТО и секогаш ќе биде важно да имаме добри соседски односи со нив.

За македонско-бугарскиот спор вчера лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, порача дека Европа треба да се обедини околу тоа што Бугарија и го прави на земјава, како што се обединува околу случувањата во Украина и конечно во јуни да ги отпочнеме преговорите. Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи промените во македонскиот Устав барани од Бугарија, бидејќи немаме никаква гаранција дека со тоа се затворат сите отворени прашања меѓу двете земји.

Во однос на можноста ветото да се тргне во јуни, тој рече дека смета оти преговорите со ЕУ нема да почнат се додека не ја испочитуваме целокупната преговарачка рамка.

– Во таа преговарачка рамка ќе бидат вклучени барањата од страна на Бугарија, вклучително интервенцијата во македонскиот Устав. ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи тие промени во македонскиот Устав, бидејќи за тоа се потребни две третини, токму поради тоа што немаме никаква гаранција дека со тоа се затвораат сите отворени прашања помеѓу Македонија и Бугарија и дека до самото членство на Македонија во рамките на ЕУ нема да имаме повеќе вакви барања од страна на политичарите кај нашиот источен сосед – рече Мицкоски.

Претседателот на државата Стево Пендаровски претходно изјави дека земјава мора да има некаква гаранција од Софија или од Брисел дека прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот ќе биде последното барање на Софија за отстранување на бугарското вето за старт на преговорите.

– Ако вие ми кажете, ние сакаме да бидат гарантирани правата на Бугарите кои живеат во Република Северна Македонија, јас немам проблем со тоа, меѓутоа на кој начин мислите? Бугарската страна смета дека тоа треба да се направи на самиот почеток – ќе го смените Уставот ќе ги ставите внатре и тоа ќе биде за нас најголема гаранција дека вие сте сериозни во почитувањата на правата на Бугарите кои живеат кај вас. Јас мислам дека тоа е еден тип на уцена – ако ти го промениш Уставот до тој и тој датум, тогаш јас се обврзувам дека нема да барам ништо плус од ова во однос на ова прашање – нагласи Пендаровски во четвртокот во интервју за Канал 5.

Тој додаде дека власта и опозицијата имаат идентична позиција во однос на тоа прашање, оценувајќи дека ставот на Мицкоски оти партијата нема да поддржи промена на Уставот за внесување на Бугарите во него, доколку не се добие гаранција од Софија дека нема да има нови условување, е сосема коректен.

Во однос на вклучувањето на САД во односите со Република Бугарија, Османи вчера истакна дека Вашингтон е силно заинтересиран овој процес да успее и европското консолидирање на регионот да продолжи, но оти нема конкретен процес во кој САД се посредници во односите меѓу двете земји. Тие односи, вели Османи,се одвиваат на билатерална основа.