Фото: Принт-скрин

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски бележи добар почеток во бизнисот, при што неговата консултантска фирма во Унгарија забележа заработка од 10 илјади евра во изминатите пет месеци, пренесува „Балкан инсајт“, повикувајќи се на унгарските медиуми.

Не се познати активностите што придонеле за профитот, но локалните медиуми шпекулираат дека заработката можеби е поврзана со унгарското министерство за надворешни работи. А унгарскиот шеф на дипломатијата Петер Сијарто не ги крие редовните средби со Груевски, според „Балкан инсајт“.

По бегството во Унгарија, Груевски избегнува појавување во јавноста и малку е познато за неговиот живот и активности, но тој повторно стана актуелен во тамошните медиуми кога ја регистрираше фирмата И.Ц.И.Ц.

Новата фирма на Груевски од 14 јули минатата година се наоѓа во куќа на улицата „Бошкаи“ број 9 во селото Пецел, кое се наоѓа на 20 километри од Будимпешта. Станува збор за друштво со ограничена одговорност И.Ц.И.Ц (И.Ц.И.Ц.). Груевски побарал и добил одобрение да почне бизнис со фирма, според документите објавени во унгарскиот Централен регистер на фирми. „Дојче веле“ објави дека фирмата на Груевски планира широки бизнис-активности во најмалку 10 различни сектори, според увидот во документите. Регистрацијата на фирмата го чинела поранешниот македонски премиер 8.350 евра.

Главниот фокус на компанијата е бизнис-консултација, но таа е лиценцирана да води широк спектар на активности, како продажба на порцелан, производи од стакло, производи за чистење, храна, пијалаци и тутун, како и водење на пи-ар, комуникации и маркетинг.

Груевски при регистрацијата на фирмата ја навел адресата на својот адвокат во Будимпешта, а како втора адреса ја навел онаа во Скопје, на улицата Павел Шатев број 3 во Кисела Вода, според извори на германскиот медиумски сервис.

Се смета дека брзиот подем на скромниот бизнис ќе го привлече вниманието на Балканот и пошироко, со оглед на пресудите против Груевски и неговата поврзаност со владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

На почетокот на минатиот месец Груевски беше ставен на листата на санкции на американскиот Стејт департмент, но унгарската влада веројатно нема да го смени пријателскиот пристап кон поранешниот македонски премиер поради неговите блиски односи со Орбан, заклучува „Балкан инсајт“.

Јавното обвинителство во Македонија го обвини Груевски дека ги организирал насилствата на 27 април 2017 година во Собранието. Оттогаш тој е во бегство во Будимпешта, а на 27 јуни 2019 година, Судот во Будимпешта одлучи да не го екстрадира поранешниот македонски премиер. Груевски се бара и за издржување на казна и за злоупотреба на службената положба.