Фото: Принтскрин

Бројот на земји во кои се јавуваат случаи на мајмунски секој ден се зголемува, а се очекува и понатаму да расте. Сипаници досега се откриени во Европа, Австралија и Америка. За вирусот дискутираше и Светска здравствена организација, а денес се точка на дневниот ред и на нашата Комисија за заразни болести.

Мајмунските сипаници се болест предизвикана од вирус кој, како што сугерира името, обично се шири меѓу мајмуните во Централна и Западна Африка, но може да премине и на луѓето, предизвикувајќи мали епидемии, објаснува проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог.

-За прв пат беше забележан кај мајмуни користени во лаборатории во 1958 година. Првиот човечки случај бил идентификуван во денешна Демократска Република Конго во 1970 година. Заклучно со 23 мај регистрирани се повеќе од 100 потврдени случаи во 16 земји надвор од Африка. За да настане инфекција, потребен е контакт со заразено животно или подолг близок контакт со заразено лице. Значи, мошне тешко настанува пренос од човек на човек. Инкубацијата е 6 – 14 дена, но може да биде и помеѓу 5 и 21 ден – вели д-р Даниловски.

Мајмунските сипаници обично започнуваат со симптоми слични на грип (покачена температура, главоболка, болки во мускулите и исцрпеност). Кај пациентите може да се јави осип на лицето и на други делови од телото во рок од 1-3 дена од појава на покачената температура.

-Од друга страна, се работи за релативно лесно заболување со смртност од околу 4 отсто, а веројатно и помалку. Досега, случаите се предизвикани од вируси од западноафриканскиот тип, кој предизвикува поблага болест од другиот тип од басенот на Конго. И тоа е добра вест. Инаку, вирусите на мајмунските сипаници се сродници на вирусот што предизвикува вариола вера (големи сипаници, smallpox), единствениот човечки вирус што е искоренет – вели професорот.

Затоа, вакцината против вариола вера може да заштити и против мајмунските сипаници (околу 85 проценти). Оттаму, сите што се родени пред 1972 година, се заштитени. Меѓутоа, откако вариолата официјално беше ерадицирана, рутинските вакцини беа прекинати во 1972 година. Поради ова, мајмунските сипаници се јавуваат кај невакцинирани луѓе.

-На крајот на 2019 година, ФДА одобри вакцина против вариола вера, која штити, веќе рековме, и против мајмунските сипаници. Зошто токму тогаш? Затоа што, иако вариола вера веќе не се јавува природно и не е глобална закана, сепак, намерно пуштање на овој многу заразен вирус би можело да има катаклизмичен ефект, бидејќи огромен дел од населението не поседува имунитет. Инаку, вакцината е ефикасна дури и ако се даде кај заразено лице со мајмунски сипаници, во период од 14 дена по појава на симптомите. Постои и специфична терапија, лекот „Тековиримат“ (Tecovirimat). Оттаму, место за паника нема! Колку и да се пренесува низ светот, тешко се пренесува од човек на човек и не е веројатно да дојде до пандемија – вели д-р Даниловски.

Кон психозата на страв, според него, најмногу придонесоа медиумите со сензационалистички наслови од типот „ни претстои ли пандемија?“.

– Улога одигра и пречувствителноста на луѓето после две години пандемија. Секако, треба да се биде претпазлив, но нема потреба од паника. Избувнувања со вируси со ниска заразност, лесно се сузбиваат со едноставно следење на контактите и изолација на заразените. Кај мајмунските сипаници, заразноста постои само откако ќе се појават симптомите. Во секој случај, како секоја нормална држава, која треба да си има на располагање вакцини за егзотични болести, така и ние благовремено треба да си набавиме вакцина и лекови. Не за масовна употреба, туку за адекватен третман на евентуално појавени поединечни случаи – додава професорот.

Н.Б.З.