23 Oктомври – Ден на македонската револуционерна борба

118

Во Македонија денеска се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, државен празник и неработен ден за сите граѓани.

Празникот се празнува по повод основањето на Македонската револуционерна организација во Солун. Имено на 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја македонски револуционерен комитет.

Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето на МРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, а потоа преку НОБ резултира со создавање современа самостојна македонска држава. Овој датум се поврзува со организираната борба на македонскиот народ и народите кои живееле во Македонија за формирање независна држава. Во политичка смисла, борбата за автономија значела формирање самостојна држава и затоа 23 октомври симболизира континуитет на македонската борба за независност.

Најавено е претставници на државата да положат цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Скопје и во Спомен куќата на Петар Поп Арсов во Богомила.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, упати честитка за празникот.

– Ви го честитам 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. На овој ден се потсетуваме на основоположниците на македонското револуционерно движење, кои беа водени од праведни идеали и принципи што, во нашиот регион, беа пред своето време. Тоа беа идеали за слободна македонска република, втемелена врз демократски принципи, во која ќе има соживот меѓу различните етнички, верски и јазични заедници. На нив се надоврзаа илинденците и антифашистите кои се бореа и се изборија за нашата слобода и државност. 

Денес, 127 години подоцна, наша генерациска должност не е само да ги чуваме придобивките на нашите предци, туку и да го направиме следниот чекор. Да ја градиме Република Северна Македонија во напредна европска држава со функционални и одговорни институции, со владеење на правото и со слободно и инклузивно општество.

Годинава, празникот го одбележуваме во услови на глобална пандемија со КОВИД-19, која нè потсети колку е испреплетена нашата судбина и колку ние луѓето сме ранливи, независно од нашите етнички, верски, политички и социјални разлики. Овој предизвик што ги надминува нашите разлики е истовремено и можност преку солидарноста да постигнеме граѓанско помирување кое ни е толку непходно. Солидарноста мора повторно да стане наша врвна индивидуална и општествена доблест. Само ако се грижиме едни за други, само ако државата се грижи за секој свој граѓанин, ќе има надеж за Република Северна Македонија – пишува во честитката.