Британскиот премиер, Борис Џонсон им се заблагодари на вработените во лондонската болница што се грижеле за неговото здравје при закрепнувањето од ковид-19.

– Навистина, не можам да им се заблагодарам доволно. Всушност, јас им го должам животот – напиша Џонсон (55) во кратката изјава доцна во саботата навечер.

Конзервативниот политичар беше хоспитализиран минатата недела поради треска и симптоми на ковид-19 кои траеле околу десет дена. Тој помина три дена во одделот за интензивна нега каде што примал кислород, откако неговата состојба се влоши по приемот во болницата „Св. Томас“.

Во четвртокот Џонсон беше префрлен во обичниот оддел, а засега не е познато кога ќе продолжи со работните обврски. Според британските медиуми, премиерот има компјутер на кој може да гледа филмови како „Господар на прстените“, а сака да решава и судоку. Тој добил илјадници пораки со желби за брзо закрепнување.

Даунинг стрит објави дека Џонсон многу добро се опоравува, но министерката Прити Пател вели дека клучно за целосно опоравуање е да помине доволно време.

Би-би-си пренесува дека британската влада не сака да шпекулира за враќањето на Џонсон, но се чини дека тоа нема да се случи наскоро.