Процесот за пополнување на клучните амбасадорски места, како што е амбасадорското место во НАТО, ќе се забрза, според најавите на премиерот Зоран Заев кој вчера напомена дека ќе разговара на оваа тема со министерот за надворешни работи Никола Димитров.   

Во НАТО уште нема назначен амбасадор, додека Зоран Тодоров е наведен како в.д. на веб-страницата на МНР. Советникот на Заев, Дане Талески се споменува како можен кандидат, иако премиерот не сакаше да се изјасни за имињата на кандидатите.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека опозицијата треба да биде консултирана во процесот на пополнување амбасадорски места.

Заев очекува дел од постапките за нови амбасадори да завршат кон крајот на годинава, а можеби и во јануари и во февруари.

Македонија има вкупно 57 дипломатско-конзуларни претставништва, од кои 42 се амбасади, осум се постојани мисии и девет се генерални конзулати. Моментно, непополнети се 23 амбасади и четири постојани мисии, додека пополнети се сите генерални конзулати.