Враќањето на Нова демократија (НД) на власт во Грција претставува повод за загриженост во Брисел, Берлин и во Вашингтон во врска со надворешната политика на Грција кон нејзините балкански соседи, Македонија и Албанија, пренесува „ЕУроактив“.

Во прашање е судбината на историскиот Преспански договор потпишан од претходната влада на Алексис Ципрас и Македонија во јуни 2018 година, настан што беше поздравен како поволна вест на проблематичниот Балкан од страна на меѓународната заедница.

Експертите се прашуваат до која мера Грција ќе се врати на непопустливата политика и дали ќе ја наруши позитивната политичка клима помеѓу Атина и Скопје. Загриженоста не е неоснована, бидејќи НД гласаше против Преспанскиот довогор и луто се спротиставуваше на него, нарекувајќи го срамен и предавнички.

Ваквиот став на НД се должи на фактот според кој околу 60 отсто од грчкиот народ се спротистави на донесениот договор. Во партијата, пак, околу 80 отсто од членовите го отфрлаат.

Но, поддршката што ја доби Кирјакос Мицотакис на изборите во неделата може да значи дека сепак ќе надвладее умереноста во надворешната политика. Никос Дендиас, новиот министер за надворешни работи, исто така има углед на модерен политичар.

Затоа, и покрај тоа што ставовите на Мицотакис ја разнишаа довербата кај нивните западни сојузници, се очекува дека тој ќе работи на подобрување на односите со Берлин и Вашингтон, како и на подобрување на соработката со Брисел.

Откако стана јасно дека НД ќе победи на изборите, Мицотакис, и покрај несогласувањата во врска со договорот, изјави дека спогодбата ќе биде почитувана од нивна страна. Експертите советуваат дека откако договорот бил ратификуван, секој обид на Грција да го поништи ќе биде поволен и во корист на Македонија.

– За жал, доколку некој детално го толкува Преспанскиот договор, испаѓа дека нашата земја нема право да стави вето за отворање на разговорите за пристапување на соседната земја во Европската Унија и НАТО – изјави Мицотакис на прес-конференција во јуни.

Доколку во октомври Европскиот совет одлучи да ги отвори преговори за прошируваање на ЕУ, ставот на Грција е ист со оној на Франција, Холандија и Данска, кои решија да го одложуваат влегувањето на Македонија во ЕУ. 

– Доколку има едногласност за давањето датум за почеток на преговорите, Грција нема да го попречи патот на нашиот сосед – вели Мицотакис.

Кога станува збор за вклучувањето на Албанија во европското семејство, Грција изгледа има цврст став и НД не би се согласила за почеток на преговори со Европската Унија. Фокусот на Грција е насочен главно кон политичката криза во Албанија, но клучен елемент е заштитата и правата на грчкото малцинство, прашање кое е многу чувствително за НД.