Македонија и Албанија заслужуваат отворање на преговорите за членство во ЕУ, изјави еврокомесарот за проширување на Унијата, Јоханес Хан, кој наскоро го напушта ресорот.

Во интервју за црногорскиот весник „Вјести“, Хан вели дека патот за Западен Балкан е реален и жив, а евроинтеграциите на балканските земји се во интерес на Европската Унија.

Запрашан кои достигнувања ги смета за најголеми во областа на проширувањето и што би сакал да биде продолжено од страна на неговиот наследник, Хан зборуваше за преспанскиот договор и реформите во Албанија.

– Преспанскиот договор кој го заокружи деценискиот спор со Грција е историски. Кога ја презедов функцијата, земјата беше сред политичка криза чиешто решавање налагаше бројни патувања во Скопје и години. Истовремено, горд сум на реформите што ги постигна Албанија, особено во делот на судскиот систем – рече Хан.

Тој додаде дека постигнат е голем напредок во регионалната соработка, набројувајќи ги транспортот, енергетската и дигиталната инфраструктура која го поврзува регионот.