Првообвинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски, и поранешната потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски, на денешното рочиште побараа изземање на обвинителката Вилма Русковска од случајот.

Барањето следи откако судот на Јовановски му дозволи да ги добие како докази податоците од неговиот мобилен телефон.

Адвокатот на Јовановски, Сашко Дукоски, рече дека барањето за изземање е поради огромно сомневање за пристрасност во постапувањето против Јовановски и дека тоа е откриено врз анализата на материјалот од телефонскиот апарат на обвинетиот.

За случајот со невладината организација „Меѓународниот сојуз“, основана од Јовановски, заедно со основачот обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ.