Американската јавност уште од избивањето на пандемијата се прашуваше што ќе се случи ако претседателот Доналд Трамп се зарази со ковид-19, што сега и се оствари.

Медиумите постојано го прашуваа Трамп дали се тестира (што тој го призна по бројните прашања), наведувајќи дека со одлагањето на тестирањето, Трамп ја запоставил неговата должост, бидејќи, не само што би можел да се зарази, туку и да ги доведе во ризик оние околу него. Тие пишуваа дека претседателот се впуштал во ризично однесување, со ракувањето, користењето на микрофони заедно со други лица на прес-конференциите, собирајќи луѓе на митинзите и стоејќи блиску до други лица.

– Секој друг претседател ќе согледаше дека безбедниот модел на однесување е дел од неговата работа. Трамп е првиот човек на државата. Неговото психичко и физичко здравје се од јавен интерес. Зошто Трамп продолжува да се однесува на начини со кои се изложува на ризик себеси и другите – наведе „Атлантик“.

Трамп категорично одби и да носи заштитна маска во јавност, потсмевајќи му се на еден новинар кој одби да ја тргне маската, нарекувајќи го „политички коректен“. Американскиот лидер не носеше маска дури и за време на посетата на фабриката која ги произведува. Трамп во јули објави фотографија направена за време на посета на воената болница во Вашингтон, кога за првпат носеше маска во јавноста по неколкумесечно одбивање да го стори тоа.

Доколку Трамп биде принуден да се повлече поради болеста, тоа може да резултира со различни сценарија од привремено нарушување до целосна уставна криза со сериозни последици по претседателството. А степенот на економските и геополитичките последици ќе зависи од сериозноста на болеста.

– Постои протокол за се. Рутински поминуваме низ вежби за тоа што да сториме во случај на терористички или нуклеарни напади, но јас навистина никогаш не предвидував ситуација со пандемија како онаа со која се соочува Белата куќа сега – кажа неодамна Дејвид Акселрод, поранешен советник во кабинетот на претходниот американски претседател Барак Обама.

Се проценува дека речиси е извесно оти ќе дојде до одреден пад на економските пазари по дијагнозата на претседателот, како што наведе Јан Бремер, претседателот на фирма за процена на геополитичките ризици. 

– Ако Трамп биде во карантин во неговата резиденција, но остане на должност и продолжи да пишува на Твитер, мислам дека ефектот врз економскиот пазар ќе биде минимален – вели Бремер.

Во случај на влошување на болеста, постои процес кој поранешните претседатели го користеа за привремено предавање на овластувањата. Дваесет и петтиот амандман би му овозможил на Трамп да ја предаде контролата на потпретседателот Мајк Пенс, но и повторно да ја врати кога ќе закрепне. Во случај доколку Трамп и Пенс истовремено бидат оневозможени да ја извршуваат должноста, би можело да има проблеми бидејќи законот е нејасен при таквото сценарио, според уставните експерти.

Сепак, треба да се истакне дека лекарот на Трамп, Шон Конли, кажа оти претседателот и првата дама се во добра состојба и ќе останат во Белата куќа, како и дека очекува Трамп да продолжи со извршување на должностите. М.Ж.