Николас Мадуро (лево) и Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин своевремено испрати војска во Сирија, но Венецуела не е Сирија. Таа е оддалечена илјадници километри од Русија, во близина нема регионална сила како што е Иран, на која Москва би можела да се потпре, а се претпоставува дека Кремљ нема ниту средства, ниту домашна поддршка, за ваквата прекуокеанска авантура. Но сепак, прашањето „што би требало Русија да стори?“ е постојано актуелно во тамошната јавност, пишува „Њујорк тајмс“.

Засега, нејзиниот одговор се состои од протестирање од страна, како и префрлање на вината на Вашингтон, наведува американскиот весник.

– Едноставно кажано, ние разбираме дека САД отворено заземаа курс за рушење на режимот. На членовите на опозицијата им е наредено од страна на Вашингтон да не прават отстапки се додека режимот не ја предаде власта на еден или на друг начин – кажа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на завчерашната прес-конференција, додавајќи дека Русија и сите одговорни членки на меѓународната заедница ја поддржуваат законски избраната влада на Венецуела.

Во „таборот“ на Николас Мадуро се и Кина, Турција, Иран и Сирија. А многумина познавачи на состојбата посочуваат дека кризата во Венецуела ги оживува спомените од Студената војна. Рускиот политичар Владимир Жириновски, пак, смета дека Русија треба да испрати флота во Венецуела за да спречи надворешна интервенција во тамошната криза. Тоа би била своевидна „реприза“ на кубанската ракетна криза од 1962 кога САД и СССР навидум беа на работ на нуклеарна војна поради распоредувањето на советските ракети на Куба. Но, никој не очекува слично сценарио како во Сирија. Покрај оддалеченоста и трошоците има неколку фактори што би ја спречиле Русија да интервенира.

– Во Сирија, Русија можеше да се бори од дистанца, преку користење на авијацијата и ракетните напади од Каспиското Море. Иран, пак, ги стави на располагање трупите кои беа потребни за антивладините милиции да бидат поразени. Во Венецуела уште нема воен конфликт, а воените авиони не можат да помогнат во справувањето со демонстрантите. А руските аналитичари сметаат дека Кремљ нема да испрати војска да води улични борби во Венецуела. На Средниот Исток, Русија има и други пријатели, покрај Сирија. Во Латинска Америка, пак, ниту една држава не го поддржува Мадуро, освен Куба и Никарагва. Евентуалната руска интервенција, затоа би претставувала ризик за оттуѓување од сите држави на јужноамериканскиот континент, како и од дополнителни американски санкции – се наведува во анализата на „Њујорк тајмс“.

Во корист на Русија би било одолговлекувањето на кризата без решение, според рускиот аналитичар за надворешна политика Владимир Фролов.

– Главен интерес на Русија би претставувало одолговлекувањето на кризата без решение. Тоа би го демонстрирало неуспехот на американската стратегија за незаконската промена на режимот, односно успехот на руската цел за поддржување на легитимната власт – вели Фролов.

Меѓу руските познавачи на состојбата постојат поделени мислења и за справувањето со Мадуро. Одредени аналитичари посочуваат дека во случај на пад на Мадуро, веројатно најдобро за Русија би било да го напушти сегашниот претседател на Венецуела, но се јавуваат и идеи оти кризата би можела да се деактивира со пружање на азил на венецуелскиот лидер.

 – Ако сегашниот лидер на Венецуела тоне политички, треба да биде пуштен да потоне сам, без да не повлече нас. За Мадуро кој е навикнат на палми, студената московска зима не е идеална опција, но подобра е од жешка затворска ќелија во Каракас – пишува во две колумни во руските медиуми.

Засега извесно е дека Русија го поддржува „стратешкиот партнер“ Мадуро, а Москва понуди и да посредува помеѓу легитимната власт и опозицијата на Венецуела, ако е потребно. Кремљ ги негираше шпекулациите дека руски платеници пристигнале во јужноамериканската држава.

Во владеењето на претходниот претседател Уго Чавез, Русија стана значителен сојузник на Венецуела преку економските врски при продажбата на нафта и оружје и давањето заеми. Соработката на руската нафтена компанија „Роснефт“ со венецуелската „ПДВСА“ ја позиционира Русија како посредник за продавање на венецуелската нафта низ светот. Многумина посочуваат дека Венецуела е последниот руски сојузник во Латинска Америка. М.Ж.