Фото: Маја Јаневска-Илиева

Трагичната автобуска несреќа во Бугарија во црно го зави скопско Студеничани, кое на автопатот Струма загуби 20 свои жители. Атмосферата во Студеничани ден по несреќата е траорна, а локалните жители тешко можат да поверуваат дека повеќе ги нема нивните сограѓани.
– Трагичен настан. Сочувствуваме со семејствата на настраданите – велат некои од жителите, кои се погодени од страшната вест.
Да биде болката уште поголема придонесе и тоа што пламените јазици проголтаа 12 члена од семејството Јахиу од селото Моране, од општината Студеничани, од кои осум биле деца.
– Значи десетмина се од потесното семејство и две други жртви, од поширокото семејство, роднини. Две жени со осум деца, на различна возраст, имаше седумгодишно девојче, таа беше најмалото дете, потоа машкото имаше 10-12 години – посочи роднина на семејството Јахиу.
Градоначалникот на Општина Студеничани, Азем Садику, изјави дека од вкупниот број на загинатите во сообраќајна несреќа во Бугарија, 20 лица се од населените места од оваа општина.
– Ова е една голема загуба за сите нас, за целата држава, и во име на граѓаните на општината Студеничани најпрвин на роднините на загинатите им изразувам длабоко сочувство. Ова е голема болка, човек не може да најде зборови како да ги искаже жалоста и болката. Црн ден за целата држава, а особено за нашата општина – рече Садику.