Чешкиот претседател, Милош Земан, им порача на граѓаните ова лето да уживаат во убавината на својата земја, бидејќи патувањето во други држави ќе биде забрането во текот на целата година, како резултат на пандемијата на ковид-19.

Земан во радио-интервју во неделата рече дека сегашните ограничувања на границите би траеле една година за патниците да не донесат нов бран на зараза од патувања во земји каде епидемијата не е завршена.

Кон средината на март, Чешка воведе забрана за влез и излез од земјата за да го спречи ширењето на новиот коронавирус. Оние кои патуваат на работа, возачите на камиони и луѓето кои имаат важни причини за заминување, како на пример медицински третман, се ослободени од забраната.

Туристичките агенции претходно бараа барем да им се дозволат тури во Словачка и во Хрватска, кои се особено популарни туристички дестинации кај Чесите и каде што инфекциите со коронавирус се ретки.