Синоќа стотици приврзаници на Трамп упаднаа во зградата на Конгресот на САД во Вашингтон. Четири лица се убиени, соопшти полицијата во американскиот главен град.

По четиричасовна опсада на зградата на Конгресот, пратениците повторно се собраа да продолжат со сесијата за верификација на победата на Џо Бајден на претседателските избори. Вашингтон сè уште е под полициски час, а зградата на Капитол и околните улици се опколени од припадници на интервентната полиција.

Бројот на апсења се очекува да се зголеми, а првичниот број е далеку помал отколку по протестите на 1 јуни, предизвикани од полициското убиство на црнецот Џорџ Флојд, кога беа уапсени повеќе од 300 лица, пренесува „Ројтерс“. Градоначалничката на Вашингтон рече дека полицијата има намера да побара помош од јавноста за идентификување на демонстрантите, од кои многумина се фотографирале и снимале и потоа ги објавиле снимките на социјалните мрежи. ФБИ подоцна во средата ја повика јавноста да им испрати фотографии и видеа за да им помогне да ги идентификуваат оние кои активно поттикнуваат насилство.

Две експлозивни направи се пронајдени синоќа во седиштето на републиканскиот и демократскиот националн комитет, а во Капитол е пронајдена гајба со молотови коктели.

Членовите на американската влада разговараат за можноста за предвремено отстранувње на актуелниот претседателот Доналд Трамп од власта, откако неговите приврзаници упаднаа во Конгресот, објавија американските медиуми.

Нивната дискусија се води околу 25. амандман на Уставот на САД, кој им овозможува на потпретседателот и мнозинството во владата да го прогласат претседателот за неспособен за извршување на својата работа, известуваат Се-ен-ен, Си-би-ес и Еј-би-си, повикувајќи се на анонимни извори.


 Детали за жената убиена во Конгресот – била ветеранка на американското воено воздухопловство

Американските медиуми го открија идентитетот на жената која беше убиена во средата при обид демонстрантите, поддржувачи на Трамп, да упаднат во салата на Конгресот.

Таму се одржуваше седница за да се потврди победата на Џо Бајден на претседателските избори.

Загина Ешли Бебит, ветеранка на американското воено воздухопловство од Сан Диего, објави „Индекс“ повикувајќи се на „Њујорк пост“.

Непосредно пред упадот на симпатизерите на Трамп во Конгресот, таа на „Твитер“ напишала дека ништо нема да ги спречи и дека бурата пристигнува.

– Ништо нема да нè спречи. Тие можат да се обидат, но бурата е тука и ќе се спушти над Ваш3ингтон за помалку од 24 часа. Темнината се претвора во светлина – напишала Ешли на Твитер.

Моментот на нејзиното убиство се појави како видео на социјалните мрежи.