Грчкиот премиер Алексис Ципрас успеа да го подобри имиџот во меѓународната заедница и да изврши притисок врз политичките противници, благодарение на постигнувањето на Преспанскиот договор помеѓу Атина и Скопје, пишува „Еурактив“.

Преспанскиот договор првенствено потекна од поранешниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас, но му послужи на Ципрас на повеќе начини.

Спогодбата го подобри имиџот на Ципрас во меѓународната заедница, помагајќи му да стекне углед на одговорен државник, кој донесе стабилност во регионот на Западен Балкан, со што заслужува меѓународна поддршка. Неодамнешната посета на Ангела Меркел на Атина, која му честиташе на грчкиот премиер за неговите постигнувања, претставува доказ за успехот на ваквата стратегија.

Втората цел за која Преспанскиот договор му послужи на Ципрас, беше поделбата на грчката опозиција, бидејќи грчкиот премиер бил свесен оти опозициската Нова демократија ќе биде под притисок на Европа да гласа за спогодбата, наспроти определбата на нејзините симпатизери.

Третата придобивка се однесува на поранешниот коалициски партнер на Ципрас, Панос Каменос, на кого излегувањето од грчката влада му овозможи да го сочува образот пред неговите гласачи, во пресрет на изборите. Каменос, навидум е жесток противник на Преспанскиот договор, откако поднесе оставка, за да го одржи својот десничарски имиџ.

Извесно е дека Ципрас успешно ги „изиграл“ своите противници, спроведувајќи ја стратегијата „подели па владеј“. Познавачите на политичката состојба во Грција сметаат дека грчкиот премиер, на овој начин, ја спасил својата партија СИРИЗА, и покрај веројатниот пораз на следните избори. Следен чекор претставува ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент, која е извесно дека ќе помине.