Црковниот аспект на проблемот меѓу Македонија и Грција, беше една од темите за кои разговараа грчкиот премиер и Вселенскиот патријарх на нивната 80-минутна средба во премиерската палата.

Алексис Ципрас ги поздрави напорите на Вселенската патријаршија за надминување на проблемот, додека пак Вартоломеј рече дека работат на сеправославна обединетост и соработка.

– Би сакал да ги поздравам вашите обиди за позитивно решавање на црковниот аспект на разликите што ги имаме со поранешната југословенска Република Македонија. Верувам дека гледате, и ние се обидуваме да ги решиме разликите што постојат веќе многу години и попречуваат две соседни земји да имаат една нормална соработка и заеднички тек. Верувам дека можноста за решение би можело да создаде средина на стабилност и развој на Балканот, нешто што ни е потребно, но и соработка, добра соработка меѓу два соседни народи кои во мнозинството имаат православна христијанска вера и ова е важен елемент што не треба да го занемариме – рече Ципрас на почетокот на средбата со Вселенскиот патријарх и му се заблагодари и ги поздрави иницијативите на патријаршијата.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј истакна дека се работи на сеправославна обединетост и соработка.

– Во однос на црквата на Скопје, прашањето што го споменавте, тоа е во рамките на канонските обврски на Вселенската патријаршија да се обидува да ги отстранува расколите каде штo постојат и да работи на сеправославна обединетост и соработка, како што правиме во сите овие години – рече Вартоломеј.

Вселенскиот патријарх, претходно се сретна со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, а Вартоломеј оствари средба и со архиепископот на ГПЦ, Јеронимос, а меѓу другото разговарале и за МПЦ-ОА .

– За време на средбата беше разговарано за прашањата што се однесуваат на расколничката црква на Скопје, барањето автокефалност од црквата на Украина, а ги споменаа и двајцата грчки војници кои што се во притвор во Одрин – соопштуваат од атинската архиепископија.

Средбите на Вселенскиот патријарх Вартоломеј со архиепископот Јеронимус, со претседателот Павлопулос и со премиерот Ципрас, се одржуваат на само неколку дена по соопштението од Вселенската патријаршија дека „во рамките на надлежностите и прерогативите на Вселенскиот патријарх, ќе биде разгледано и ќе се преземе она што е потребно за враќање на црквата на Скопје во канонски рамки под името Охридска архиепископија“.