Халифа Хафтар (втор од лево кон десно) заедно со неговите соработници

Меѓународно непризнаените сили на командантот Калифа Хафтар во Либија соопштија дека уништиле турски дрон на аеродромот во Триполи, а уапсиле и турски државјани на северот во Либија.

Силите на Хафтар велат дека дронот бил уништен во воздушен напад, со цел да ја казнат Турција за нејзината поддршка кон ривалската меѓународно призната влада во Триполи, пренесе „Ројтерс“.

Силите на Хафтар соопштија и дека уапсиле двајца турски државјани во северниот град Ајдабија.

Турција претходно ги обвини силите на Хафтар за апсење на шест турски државјани и се закани дека војската на одметнатиот генерал ќе стане легитимна мета на Анкара доколку итно не бидат ослободени уапсените Турци.

Либиската национална армија на Хафтар на 4 април почна кампања со цел да ја освои либиската престолнина, но беше спречена од страна на владините сили со поддршка на Турција.