Халифа Хафтар (втор од лево кон десно) заедно со неговите соработници

Либија е на работ на граѓанска војна која претставува закана за подривање на долгогодишните дипломатски напори за помирување на спротиставените страни во државата. Ситуацијата на теренот постојано се менува и е непредвидлива, но моментно постојат три сценарија за исходот од конфликтот помеѓу силите на меѓународно признаената либиска влада на премиерот Фајез ал Сараџ и Либиската национална армија (ЛНА) на генералот Халифа Хафтар, која е во офанзива кон Триполи. 

Офанзивата кон Триполи би можела да стане долготраен конфликт, сличен на оној во Бенгази, кој траеше три години. Тоа би претставувал силен удар врз жителите и инфраструктурата на Триполи, но и врз плановите на Хафтар оти ќе влезе во главниот град на Либија како спасител.

Не е исклучена ниту можноста за брза победа на одметнатиот генерал, но таа зависи од способноста на Хафтар да ги придобие локалните милициски групи, со дел од кои моментно е во преговори.

Третата можност претставува повлекување или задржување на статус кво на силите на ЛНА, што би ја прекинало офанзивата, но би овозможило заземање на клучни стратешки позиции од кои би продолжил притисокот врз Триполи. Ваквото сценарио би требало да му донесе предност на Хафтар во можните преговори. 

Исходот од конфликтот би можел да ја обликува политичката сцена во Либија, но и да влијае врз безбедноста во Средниот Исток, односно во северна Африка.