Турската инвазија на територијата под контрола на Курдите во северна Сирија предизвика страв за враќање на Исламска држава (ИД) откако пет милитанти избегаа од затвор, а терористичката организација презема одговорност за бомбашки напад во регионот, пишува „Њујорк тајмс“.

По турските воздушни напади и копнената инвазија, курдските сили се соочуваат со обиди за бегство на членовите на ИД и на нивните семејства од камповите во кои беа задржани. Ваквата ситуација е последица на хаосот во северна Сирија каде што десетици илјади цивили веќе избегале на југ. Американските власти порачаа оти САД ќе одговорат со сила доколку борците на ИД успеат да избегаат од затворите.

Турската воена операција веќе се покажува како проблем за напорите за ставање на ИД под контрола. Американските и курдските сили ја поразија терористичката организација во регионот, но радикалните исламисти уште имаат притаени групи во североисточна Сирија и би можеле да го искористат хаосот да ја вратат назад територијата што беше под нивна контрола на почетокот од сириската граѓанска војна.

Згора, курдските сили се преокупирани со борбата против инвазијата, со што ги напуштија досегашните заеднички операции кои ги имаа со американските трупи.

Турските воздушни напади, пак, ја загрозија безбедноста на неколку затвори контролирани од Курдите во кои се притворени борците на Исламската држава. Постојат стравувања дека терористите ќе го искористат хаосот за да избегаат.