Алексис Ципрас и Борис Џонсон

Обединетото Кралство можеше да го постигне ваквиот договор за брегзит уште пред две години, по многу пониска цена. Џонсон сега е во исто друштво со Ципрас, Салвини и Ди Мајо

Договорот што Борис Џонсон го постигна со Европската Унија во врска со излезот на Британија следи добро позната шема. Слично како и другите политичари во Европа, британскиот премиер труби со лажен успех, објавува Блумберг. Истиот договор можеше да биде постигнат уште пред две години, по многу пониска цена.

Тој сега е во иста класа со Алексис Ципрас, Луиџи ди Мајо и со Матео Салвини (лидерите на грчката СИРИЗА, на италијанското движење Пет ѕвезди и на италијанската Лига). Тие исто така ги однесоа нивните држави „до работ“, без особена потреба, освен поради нивната жед за моќ.

Договорот помеѓу Велика Британија и ЕУ е без спорната спогодба за заштитната мерка „бекстоп“ (кој предвидува дека по излегувањето на Велика Британија нема „тврда граница“ помеѓу Република Ирска и Северна Ирска – н.з.) за која Џонсон стравуваше дека ќе ја задржи Британија во царинска унија со блокот на неодредено време. Но сега, Северна Ирска е „врзана“ со тарифите и царинските прописи на ЕУ, што е најдобар начин да се осигури оти нема граница со Република Ирска (нешто што Даблин немаше да го прифати поради одржување на мирот).

Ова решение беше достапно, но со месеци беше отфрлано од поддржувачите на брегзит, бидејќи го сметаа за навреда кон Обединетото Кралство.  Оние што го бранат британскиот премиер, пак, ќе ги посочат отстапките на ЕУ, вклучувајќи комплексен механизам со кој собранието на Северна Ирска би можело да гласа за откажување од царинската спогодба. 

Џонсон може да се теши дека не е првиот лидер што прави срамна промена на политиката со ЕУ. Поранешниот грчки премиер Ципрас дојде до изборна победа во 2015 година со ветувањето дека повторно ќе преговара за условите на програмата за економски спас. Тој свика и избори победа на референдумот што се залагаше за истото, за една недела подоцна да попушти. Грција потоа се согласи со условите што веќе беа на маса. 

Италија помина низ иста ситуација. Коалцијата Пет ѕвезди – Лига договори програма што се косеше со прописите за буџетот на ЕУ. Тие потоа се согласија на значително поскромно зголемување на позајмиците, што и натаму беше неприфатливо за остатокот од европскиот блок. На крајот, премиерот Џузепе Конте мораше да ја прифати целта за дефицит од два отсто од БДП, што Италија можеше да го договори месеци порано.

Сето ова претставува исмевање на демократијата и на доделените мандати. Популистите ги добиваат изборите ветувајќи, како што вели Џонсон, дека „ја имаат својата торта и ја јадат“ кога имаат работа со Брисел. А потоа се враќат гладни. 

Битно прашање за иднината на Европа е дали таквото однесување е наградувано или казнувано од страна на гласачите. Мислењата се поделени. Прерано е да се каже дали европските популистички лидери ќе се самоуништат. Но штетата што ја нанесоа на нивните држави е евидентна, заклучува Блумберг.