Ураганот Флоренс, најмоќната бура со која истокот на САД се соочува во последните три децении, би можел да пристигне на копното во четврток, во близина на Вилмингтон во Северна Каролина.

Но ураганот и пред да го погоди копното би можел да предизвика опасна поплава во следните 48 часа. Дури пет американски сојузни држави, Вирџинија, Мериленд Вашингтон ДЦ, Северна Каролина и Јужна Каролина прогласија вонредна состојба.

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска потпиша декларација за вонредна состојба во Јужна и во Северна Каролина, со што овозможи користење на средства од сојузниот буџет.

-Моите луѓе ме информираа дека ова е една од најлошите бури што ќе го погоди источниот брег – напиша Трамп на Твитер. Тој синоќа изјави дека безбедноста на луѓето е највисок приоритет.

Флоренс е бура од четврта категорија, со брзина на ветерот што во континуитет изнесува 215 километри на час.

-Ова невреме е монструм. Големо е и зло. Тоа е екстремно опасен, животно загрозуваќки, историски ураган – рече гувернерот на Северна Каролина Рој Купер и го повика населението на итна евакуација.

Во делови на Јужна и Северна Каролина, како и во Вирџинија, наредена е задолжителна евакуација која ќе зафати над милион луѓе.

Гувернерот на Јужна Каролина нареди евакуација на целиот источен брег до денеска напладне.

Националната метеоролошка служба утрово информираше дека се очекува јакнење на бурата. Ураганот би можел да ослабе во четврток кога се предвидува негово пристигнување на копното, но властите предупредуваат дека ќе остане екстремно опасен.

Метеоролозите предвидуват дека невремето ќе подигне бранови високи речиси четири метри, додека на некои места би можле да наврнат и до 50 литри на метар квадратен.

Посебно загрижува фактот што нуклеарната централа Брунсвик е само неколку километри оддалечена од местото каде што се очекува ураганот да го погоди брегот.

Американската морнарица испраќа 30 бродови закотвени во Вирџинија на отворено море, за да не бидат потопени. Жителите на подрачјето што ќе биде погодено од ураганот забрзано купуваат батерии, рачни светилки, пластични церади, вреќи со песок, бензин, како храна и вода.

Долги колони автомобили се формираа на патиштата долж источниот брег, каде што населението започна евакуација кон внатрешноста.

Во Чарлстон некои го игнорираа повикот за евакуација.

По ураганот Флоренс следи ураганот Хелена од втора категорија, со ветришта од 175 километри на час, како и тропската бура Исак со ветришта со брзина од 110 километри на час која се движи во насока на Малите Антили.

Меѓу август и септември 2017 година три силни урагани Харви, Ирма и Марија усмртија илјадници луѓе и предизвикаа милијарди долари штета на Карибите и на југоистокот на САД.