Лани во декември претседателот Доналд Трамп им напиша писма на српскиот претседател Александар Вучиќ и на неговиот косовски колега Хашим Тачи дека „со задоволство ќе ги пречека во Белата куќа за да го прослават историскиот договор“. По ова следеше заедничко писмо на американските амбасадори во Србија и на Косово, па потоа уште едно писмо што Трамп го испрати во февруари до претседателите, но сите испраќаа слична порака, а тоа е дека шансата мора да се искористи во најскоро време, пишува Александар Ивковиќ во колумната објавена на порталот „Јуропиан вестерн балканс“.

Како што минатата години се актуализираше идејата за промена на границите, се појавија сомнежи дали се работи само за тактика за кочење на процесот. Сепак, очигледно стана дека без разлика што се случуваше зад кулисите, Вашингтон (повторно) на ЕУ ѝ ја презеде главната улога во решавањето на едно од најитните прашања на Балканот, веројатно охрабрен од успешноста на договорот помеѓу Грција и Македонија.

Речиси болната тишина од страна на претседателите Вучиќ и Тачи во текот на преговарачкиот процес не им остава простор на експертите да анализираат. Сепак, сите наши соговорници сметаат дека некаква форма на договорот ќе се потпише најрано годинава ако САД останат посветени на процесот и постојат неколку фактори што го поткрепуваат ова сценарио.

Геополитички калкулации

По заедничката резолуција поднесена од тогаш 27-те членки на ЕУ и Србија до Генералното собрание на ООН во 2010 година, преговорите меѓу Белград и Приштина ги олеснуваше висок претставник на ЕУ. Во овој процес претходно подиректно беа вклучени САД и Русија во првите десет години по крајот на војната.

Сепак, се чини дека веќе се остварија главните успеси на процесот во кој ЕУ беше олеснувач во форма на таканаречените „Бриселски договори“ во 2013 и во 2015 година. Речиси четири години немаше никаков значаен напредок кој е од клучно значење за европската интеграција на Србија и на Косово. Во овој период, САД генерално не беа активни кога станува збор за прашањето за Косово и го препуштија на дипломати од понизок ранг.

Бошко Јакшиќ, новинар во српскиот весник „Политика“, смета дека „дури откако го открија зголеменото влијание на Русија, која ја искористи секоја криза во регионот за да го наметне своето влијание преку меката моќ, дури тогаш САД повторно се активираа“. Според него, ЕУ се справуваше со повеќе кризи во изминатата деценија, првично со финансиската криза од 2008 година, потоа грчката должничка криза која изби во 2009 година, украинската криза во 2014 година и поларизацијата од мигрантската криза што се јави една година подоцна и беше причината за подемот на десничарските популистички партии. Сето тоа заедно со одлуката на Обединетото Кралство да ја напушти Унијата и последователните преговори влијаеше на ЕУ на начин што ја спречи успешно да се справува со актуелните проблеми во регионот, особено со невралгичните точки каде што можат да избијат конфликти, нагласува Јакшиќ.

– Наскоро ќе стане јасно дека САД се многу поефикасни од ЕУ. Во 2017 година, Вашингтон најави дека е одлучен да го реши спорот меѓу Атина и Скопје во рок од една година. Така и се случи. Грчко-македонскиот спор за името конечно беше тргнат од агендата по чекање од 27 години – истакнува тој.

Проширување на НАТО: 30 плус

Меѓутоа, зголеменото влијание на Русија не треба да се смета за единствена причина за зголемената активност на САД. Дел од него се должи и на желбата на САД да не остане процесот незавршен, но и да продолжи позитивниот тренд на проширување на НАТО со земјите од Западен Балкан, нагласува Марко Савковиќ, програмски директор на белградскиот фонд за политички вредности.

– (САД сакаат) Косово да биде признаено и да влезе во брз процес за добивање на членство во НАТО, слично како Северна Македонија. Тоа ќе направи притисок врз лидерството на Србија/Република Српска за ја променат неутралноста што на крајот ќе резултира со тоа што целиот регион ќе биде под чадорот на НАТО – објаснува тој.

Савковиќ и Игор Новаковиќ, истражувачкиот директор на Центарот за меѓународни и безбедносни прашања (ИСАК фонд), зборуваат за „врата на можности“ која според нив, САД се убедени дека постои. Всушност, „природниот чекор“ во нормализацијата на процесот меѓу Косово и Србија покажува дека се ближи времето за постигнување на конечен договор, нагласувајќи го неодамнешниот развој на настаните во регионот.
Може слободно да се заклучи дека има „совршена бура“ од карактери што ќе овозможат да се оствари договор меѓу двете држави со помош на САД. На пример, Јакшиќ сака да го додаде и карактерот на претседателот Трамп во равенката.

– Причината за мојот оптимизам дека може да се постигне договор годината е токму „бизнисменскиот стил“ на американскиот претседател“. Кога тој одлучил нешто да оствари, тогаш никој не може да го спречи – вели тој.

Назначувањето на Џон Болтон, поранешниот американски амбасадор во ООН на позицијата советник за национална безбедност исто така може да се смета за важен фактор. За време на неговиот мандат во ООН, Болтон беше фокусиран на прашањето за Косово и беше првиот висок западен претставник што ги поддржа Вучиќ и Тачи во ланскиот предлог за демаркација.

Покрај сето ова, Савковиќ смета дека може да настане прекин на процесот и додава дека „оние што треба да го постигнат договорот истовремено користат ужасен наратив и создаваат атмосфера во која се мали шансите за неговото остварување“. Ова особено се однесува на претседателот Вучиќ кој во моментов се наоѓа во чудна позиција во која неговиот домашен легитимитет во голема мера зависи од „штитењето на српските интереси на Косово“ додека неговата надворешна поддршка се базира на подготвеноста да преговара за конечен договор.

Дали е потребно заемно признавање?

Со ова фокусот пак се враќа на прашањето за содржината на можниот договор, односно дали ќе се базира на територијална размена по која ќе следи официјално заемно признавање? Иако претседателот Трамп ја нагласи како неопходна последната точка во неговото писмо од февруари, сепак, низ годините беа предложени различни модели за идните односи меѓу Косово и Србија, како што истакнува Савковиќ.

– Постојат две струи, едната е неопходно формално признавање и членство во ООН за Косово да напредува, а другата е дека ова не е неопходно и се предлага модел како оној на „двете Германии“ (членство во ООН без формално признавање) што може да биде прифатлив кај двете страни. Оттаму треба да се тргне, но никој не е сигурен дали Русија и Кина автоматски ќе го поддржат договорот кој ќе биде прифатлив за Белград – вели тој и алудира на правото на вето што овие две држави го имаат во Советот за безбедност на ООН.

Од друга страна, Савковиќ исто така истакнува дека претседателот на САД е најголемиот авторитет во надворешната политика и судејќи по писмото, ставот на САД е дека формалното признавање мора да биде дел од (каков било) договор.

Јакшиќ исто така смета дека максималниот простор за маневрирање што ѝ се остава на Србија ќе биде потпишувањето на правно обврзувачки договор без формално признавање, но со јасна согласност дека Белград нема да го блокира членството на Косово во ООН и другите меѓународни организации. Тој истакнува дека „американскиот минимум е српски максимум“.

Што се однесува до прашањето за територијална замена (генерално по етничките линии), тоа стана очигледно минатото лето кога САД немаа намера да го променат предлогот (колку и да е неодреден) ако им овозможи на двете општества иницијативи за поддршка на договорот.

– Се чини дека прашањето за границите за нив не е многу важно, бидејќи веројатно постојат одредени гаранции за потписниците дека нема да има понатамошно влијание (понатамошна промена на границите во регионот) врз Босна, Македонија и самото Косово. Без разлика дали е точно или не, сепак допрва ќе видиме што ќе следи – вели Игор Новаковиќ.

Можеби поизненадувачки е тоа што претставници на ЕУ исто така покажаа подготвеност да ја поддржат идејата со тоа што зазедоа доволно нејасен став дека конечниот договор мора да се базира на меѓународниот закон, да биде во согласност со европскиот закон и прифатлив за сите членки. Само последниот дел би можел да биде проблематичен, затоа што германската канцеларка Ангела Меркел јасно го изрази нејзиното противење за секаква промена на границите. Сепак, Јакшиќ не верува дека таа ќе го блокира решението за кое ќе се согласат Белград и Приштина, дури и ако е напишано според „американското сценарио“.

Дали се доволни 20 години по крајот од војната на Косово за да има доволен простор да се постигне ваков важен модел? Нашите соговорници веруваат дека можно е постигнување на договор, но исто така се внимателни во нивните предвидувања.
Јакшиќ вели дека „речиси сè зависи од САД, а впечатокот е дека претседателот е прилично одлучен“ додека Новаковиќ прогнозира дека ќе се потпише договор во некаква форма, но останува прашањето дали ќе се спроведе и на каков начин. Савковиќ смета дека ако некогаш се реши спорот, тогаш најверојатно тоа би било на почетокот од идната година. Тој „верува дека (потоа) вратата засекогаш ќе се затвори и тоа можеби за цела генерација во Србија“.

Подготвила: Билјана Здравковска